БАЈДЕН СЕ СОМНЕВА ДЕКА РАКЕТАТА ПАДНАТА ВО ПОЛСКА Е РУСКА Ердоган ѝ верува на Русија, а останатите лидери бараат независна истрага
Иако првите информации ја поврзуваа Русија со ова, прелиминарните истражувања го оспоруваат тоа.
Според првичните информации, можно е проектилите да не се истрелани од Русија, изјави американскиот претседател Џо Бајден во врска со експлозијата во Полска, близу границата со Украина, при што загинаа две лица.
– Не сакам ништо дефинитивно да кажам, додека не се изврши целосна истрага. Но, поради траекторијата на проектилите, малку е веројатно дека се истрелани од Русија. Но, ќе видиме што ќе донесе истрагата. Иако првите информации ја поврзуваа Русија со ова, прелиминарните истражувања го оспоруваат тоа – истакна Бајден во обраќањето во живо на Си-Ен-Ен.
Тој додаде дека Русија со своето дејствуање и понатаму ја влошува ситуацијата во Украина.
Претседателот на САД моментално се наоѓа на Бали во Индонезија на самитот на Г20, а пред изјавите, имаше итен состанок со останатите лидери од Г7 – Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Канада и Јапонија, а на состанокот присуствуваа и лидерите на Шпанија и Холандија.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговараше со министрите за надворешни работи на Полска и Украина во врска со експлозијата на полската територија.
Тој и полскиот министер за надворешни работи Збигниев Рау ја нагласија важноста НАТО да „продолжи да биде во блиска соработка”, додека проценуваат што да се направи понатаму.
Блинкен ја повтори поддршката на САД за полската истрага и изрази сочувство за двајцата убиени Полјаци.
Во разговор со украинскиот министер за надворешни работи, тој исто така вети дека САД ќе „продолжи блиску да соработува со сојузниците и партнерите со цел на Украина да ѝ се пружи тоа што ѝ е потребно за одбрана”, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека сериозно го сфаќа руското негирање за вмешаност во падот на проектилите во Полска. Според него, веројатно се работи за техничка грешка.
– Се сретнав со германскиот канцелар Олаф Шолц. Постои општ впечаток дека оваа ракета не е од руско производство и оваа изјава отвора пат до одредени факти, така што не треба да се инсистира оти ракетата е лансирана од Русија. Тоа би било провокација – смета Ердоган.
Тој додаде дека „мир може да се воспостави само низ дијалог и ние сакаме да воспоставиме дијалог”.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, во врска со експлозијата на полската територија, изјави дека инцидентот во Полска, кој доведе до загуба на човечки животи, е неприфатлив, претставува ризик за дестабилизација на целиот регион и за проширување на територијалниот опсег на војната на Русија против Украина, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Радев, „потребно е итно расветлување на овој опасен случај и преземање соодветни мерки”.
– Секој ден од оваа војна ја уништува иднината на Европа и на светот – рече Радев.
Тој смета дека одржувањето на современите одбранбени капацитети и зачувувањето на единството во Алијансата се од клучно значење за зачувување на мирот.
Министерството за надворешни работи на Бугарија на Твитер објави дека е „крајно вознемирено од експлозијата во Полска која резултираше со две човечки жртви”.
Во објавата се наведува дека Бугарското Министерство за надворешни работи внимателно следи што се случува и дека е во контакт со НАТО сојузниците за консултации.
Изразена е целосна солидарност со сојузникот Полска и се изразува став дека единството во НАТО и ЕУ е заедничката сила.