БАЈДЕН ГО КРИТИКУВА ТРАМП ЗА УРИВАЊЕТО НА ДЕЛ ОД БЕЛАТА КУЌА „Тој не руши ѕидови, туку вредности“
Американскиот претседател Доналд Трамп на местото на Источното крило во Белата куќа ќе гради голема сала за балови, која според него, нема да влијае на сегашниот изглед на зградата.
Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, упати остри критики кон актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп, посочувајќи дека тој го уништува не само Источното крило на Белата куќа, туку и целата земја.
– Знаев дека Трамп ќе преземе деструктивни дејствија против земјата, но морам да признаам дека немав претстава дека ќе стане вистински уништувач – рече Бајден на гала-вечера на Демократската партија во градот Омаха, Небраска.
Поранешниот претседател демократ, кој сега има 82 години, ова го кажа во врска со проектот на Трамп на местото на Источното крило на Белата куќа да се изгради сала за балови. Трамп претходно изјави дека неговите планови за таква сала „нема да влијаат на сегашниот изглед на зградата“.
– Ова е совршен симбол на неговото претседателствување. Трамп презеде деструктивни дејствија не само против домот на народот, туку и против Уставот, владеењето на правото и против самата наша демократија – рече поранешниот претседател.
Бајден директно му се обрати на Трамп во својот говор, изјавувајќи дека со своето однесување актуелниот шеф на државата ги посрамил САД и ги издигнал интересите на богатите над оние на обичните Американци.
Бајден ги оцени победите на демократите на изборите за гувернер во Њу Џерси и Вирџинија, како и на гласањето за градоначалник на Њујорк, како зрак светлина во „многу, многу мрачен момент“ и додаде дека американскиот народ испратил порака до републиканскиот претседател.
Поранешниот претседател ретко има јавни настапи откако се повлече од претседателската функција во јануари. Тој имаше намера да се натпреварува со Трамп за втор мандат, но се откажа по катастрофална предизборна дебата и под притисок од редовите на Демократската партија.