🎥 БЈАНКА БАЛТИ ПРОШЕТА СО КРИЛЈА ВО ВЕНЕЦИЈА По битката со ракот го освои црвениот тепих во фустан со моќна симболика
Италијанската манекенка се појави на отворањето на 83. Филмски фестивал во Венеција во спектакуларна креација на младиот дизајнер Иља Мигмун, со крилја на грбот кои имаат посебна врска со градот, но и со нејзината лична приказна
Италијанската манекенка Бјанка Балти беше меѓу највпечатливите гости на отворањето на 83. Филмски фестивал во Венеција, каде што се појави во нежнорозов долг фустан со корсетен крој, нагласени колкови, долг шлеп и – големи крилја на грбот.
Креацијата за неа специјално ја изработил младиот дизајнер Иља Мигмун.
Според објаснувањето на нејзиниот стилист Лоренцо Одо, крилјата биле замислени како омаж на крилестиот лав на Свети Марко – еден од најпознатите симболи на Венеција. Балти го надополни изгледот со накит од „Булгари“ и розови чевли изработени по мерка. Италијанските модни медиуми нејзиниот изглед го опишаа како еден од највпечатливите на првата фестивалска вечер.
Но, крилјата на Балти неизбежно потсетуваат и на нешто друго – нејзината врска со „Victoria’s Secret“. Манекенката за познатиот бренд првпат прошетала во 2005 година, а 20 години подоцна посакала повторно да се појави на неговата модна ревија, овојпат со сосема поинаква порака.
Во 2025 година Балти откри дека сама се обратила на „Victoria’s Secret“ со желба да биде дел од ревијата. По дијагнозата на рак на јајниците и лекувањето, таа сакаше на пистата да ги претставува жените кои се соочуваат со рак или ја поминале болеста и да покаже дека лузните и промените на телото не значат крај на женственоста, убавината или самодовербата. Од брендот доби одговор дека кастингот веќе е завршен, а ревијата целосно пополнета.
View this post on Instagram
Приказната на Балти со болеста започна во 2024 година, кога таа објави дека има рак на јајниците во трет стадиум. Претходно, во 2022 година, откако дознала дека носи варијанта на генот BRCA1, направила превентивна двојна мастектомија. BRCA1 е поврзан со зголемен ризик од рак на дојката и јајниците.
На црвениот тепих во Венеција Балти пристигна со својот партнер Алесандро Кутрера, со кого пред фотографите размени и бакнеж. Нејзиното појавување уследи во момент кога повторно се враќа во центарот на вниманието по тешкиот период низ кој помина.
Иако крилјата официјално се инспирирани од симболот на Венеција, нивната појава на грбот на Балти тешко може да се одвои од нејзината претходна приказна. Откако не успеа да се врати на пистата на „Victoria’s Secret“, во Венеција таа сепак се појави со крилја – на еден од најпознатите црвени теписи во светот.