ЈАЗИКОТ И ИДЕНТИТЕТОТ НЕ СЕ БРИШАТ СО ГЛАСАЊЕ Јовева вели дека македонскиот народ не треба да прифаќа лажни наративи

Европратеничката со македонско потекло ги отфрла шпекулациите, идентитетот не може да биде предмет на одлука на Европскиот парламент.

700

Вчерашното усвојување на извештајот во Европскиот парламент не значи дека е оспорен македонскиот јазик или идентитет, вели европратеничката од Словенија со македонско потекло, Ирена Јовева, во интервју за Канал 5, но и во своето обраќање во Брисел.

– Тоа не треба да се сфаќа така, зашто тие не можат да се земат ни со лобирање, ни со гласање – изјави Јовева, додавајќи дека ЕП нема и никогаш нема да си земе за право да одлучува за идентитет и јазик на било кој народ, па ни на македонскиот.






Таа потенцира дека не е точно дека надвладеало грчко-бугарското лоби, ниту дека амандманите биле прифатени со цел бришење на македонскиот идентитет.

– Ако навистина надвладееше тоа лоби, ќе поминеше и амандманот со фрази како „модерен јазик“, „модерен идентитет“. Тоа немаше шанси да помине – вели Јовева.

И покрај тоа што делот од текстот што го споменува идентитетот бил избришан, Јовева е категорична дека тоа не било поради политички притисоци, туку затоа што Европскиот парламент едноставно не се меша во теми за етничка и јазична припадност.

Во контекст на тоа каква порака се испраќа до граѓаните, таа повикува на фокус кон напредокот.

– Македонската држава, македонската политика, па и народот, треба да се фокусираат на реформите, за подобар живот, не за ЕУ, туку за самите граѓани. Извештајот носи позитивна порака и сакам да бидам оптимистична. Народот заслужува подобро, а тоа подобро е можно само ако продолжиме по европскиот пат – порача европратеничката со македонско потекло.

Во своето обраќање во Европскиот парламент, Јовева со емотивен и директен тон ги разби наративите дека „Европа го одзема македонскиот идентитет“:

– Знам дека боли, и мене лично ме боли, но не прифаќајте наративи од политичари кои ќе тврдат дека Европскиот парламент ви ги одзел идентитетот или јазикот. Тоа не е вистина – вели Јовева.

Таа им порача на оние кои шират такви тврдења дека „македонскиот јазик е автентичен, а нивните обиди се современа фикција“.

– Идентитет кој опстанал со векови нема да исчезне поради едно гласање или поради вашето лобирање. За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола. А за да го признаете тоа, вам ви треба чесност, интегритет и храброст – заврши Јовева во Европскиот парламент.

Поврзани содржини