ЈАЗИКОТ Е НАШИОТ БЕДЕМ И ИДЕНТИТЕТ Нема да отстапам од цивилизациското право да говориме на македонски, порача премиерот

47

Македонскиот јазик не е само минато, тој е мост до иднината. Затоа овој јубилеј нека не биде само момент на сеќавање туку и миг на будење, миг кога повторно си кажуваме – ова е наше, ова е вредно, ова е вечно, истакна претседателот на Владата Христијан Мицкоски вечерва на свечена академија во Македонскиот народен театар по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

Цитирајќи ги Мисирков и Конески, спомнувајќи ја заложбата и на нивните претходници – просветителите, преродбениците и учебникарите, премиерот нагласи дека тие се грамадни личности кои ги поставиле темелите на јазикот како идентитетско обележје и затоа, рече, иако е кодифициран и станал официјален во 1945, јазикот постои многу векови.






– Пред 80 години на оваа почва се кодифицираше македонскиот литературен јазик. Тоа беше повеќе од административен чин. Тоа беше признавање на една длабока, искрена, долга и тешка борба на еден народ за свое име, свој израз и своја самобитност. Оваа кодификација не произлезе преку ноќ. Таа беше плод на децении работа и истрајност на големи луѓе и на генерации интелектуалци, учители, поети, новинари, читатели. Секој од нив вложи збор, мисла, срце – истакна претседателот на Владата.

Тој порача дека јазикот „не е нешто што се чува во витрина“ и мора да се говори, да се создава и да се развива, а за таа цел, рече, најголема надеж се младите. Им се обрати и на Македонците во дијаспората со порака на идните поколенија да им го пренесуваат македонскиот јазик кој, рече, е „нераскинлив дел од нашето национално ткиво“.

Мицкоски прати порака и за важноста за зачувување на јазикот затоа што во 21 век, рече, судбината на малите народи е „постојано да се потврдуваат, борат и да држат до своето право на идентитетско обележување“. Нагласи дека нив ги загрозуваат моќните пропаганди кои „удираат по идентитетските обележја“.

– И неретко ние како народ сме ги имале таквите удари. А болката е поголема кога тие доаѓаат од домашните луѓе кои ваму или таму поради разни лични или лукративни интереси ќе оспорат или невнимателно ќе внесат сомнеж кон некоја историска вистина која нас нѐ потврдува како народ и нација. Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет и јас како претседател на Владата нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски, да се претставувам на македонски, да се радуваме, тагуваме и да пееме на нашиот многувековен македонски јазик. Тоа го правеле нашите дедовци, тоа ќе го прават и нашите деца. Затоа на многумина ќе им засметаме, на неколкумина ќе им бидеме пречка, но секогаш знам дека работам за моите граѓани и за нашата заедничка татковина. И тука не смееме и не сме сами – истакна Мицкоски.

Тој изрази почит и благодарност на институциите и поединци кои се посветени на македонскиот јазик: Институтот „Крсте Мисирков“, МАНУ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје и сите универзитетски катедри за македонски јазик, Министерството за образование и наука и наставниците, издавачи, поети, преведувачи, медиуми.

Мицкоски истакна дека Владата ќе продолжи да инвестира во македонскиот јазик, во проекти и поддршка на институциите што нив ги реализираат.

– Преку образовни реформи, дигитални проекти, речници и стандардизација. Да поддржува издавачи, медиуми, писатели и наставници, да ги зајакнува институциите, како Институтот „Крсте Мисирков“ и катедрите во земјава, но и во странство. Да вложува во програми за изучување и промоција на јазикот преку ниви технологии и меѓународна соработка, да им овозможува на младите нови формира за изразување преку јазикот – и во книжевноста и во јавниот живот, рече Мицкоски.

Поврзани содржини