Јажето и џелатот

Адорно всушност сликовито ни појаснува зошто некогашните сдсм „џелати“ од времето по Груевски, заедно со нивната омилена „многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари“ (речиси сите до еден до гуша соучесници во величањето на бившана криминогена коалиција), од мај 2024 година со сите сили се обидуваат да го минимизираат до заборав периодот 2017-2024 година, да ги релативизираат нивните злосторства и да ги рехабилитираат тогашните (а дел и сегашни) политиканти-криминалци.

61

За да го исполнам ветувањето од минатиот пат, морам повторно да го повикам на помош големиот Адорно. Една негова мисла сече како скалпел. Вели: „Во куќата на џелатот не се говори за јажето, инаку се јавува ресентимент“. Страотно остро, хируршки прецизно!

Иако во неговото време (1903-1969) не можел да ги познава денешните македонски прилики, Адорно всушност сликовито ни појаснува зошто некогашните сдсм „џелати“ од времето по Груевски, заедно со нивната омилена „многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари“ (речиси сите до еден до гуша соучесници во величањето на бившана криминогена коалиција), од мај 2024 година со сите сили се обидуваат да го минимизираат до заборав периодот 2017-2024 година, да ги релативизираат нивните злосторства и да ги рехабилитираат тогашните (а дел и сегашни) политиканти-криминалци.






Во ниту еден нивен исказ денес нема да најдете ни збор за тогашните состојби во државата, за онаа коруптивно-криминогена власт со широка регионална но (особено) и европска репутација на мафија со своја држава, влезена во аналите на македонската и европската современа историја. Впрочем, и „нивната“ Европа сосема јасно и прецизно ги оквалификува како „хибриден режим“. До денес, барем во оваа насока, сегашната власт нема ни приближно таква етикета!

Затоа кај тогашните „прогресивци“ овој период не се спомнува, исто како и јажето пред џелатот – неговата основна убиствена алатка! Зашто, инаку, ако случајно го спомнете или не дај боже поставите прашање „за јажето“, веднаш се зазема одбранбен став и се преминува дури и во напад, се негира минатото како воопшто и да не постоело, а особено се избегнува прашањето за некаква вина за стореното. Кај некои тоа предизвикува бес и агресија, механизам со којшто човекот сопствената немоќ ја претвора во морална осуда на другите.

Тоа е она што ни се случува денес односно овие две последователни години, тоа е и приказната зошто ни во онаа секта безмалку сите едноставно одбиваат да говорат „за јажето“ – да изготват релевантен извештај за „нивното време“, а потоа и за реалните причини за губењето на изборите (што им се случува трипати за две години). Тоа впрочем е и причината зошто најголемиот дел од оние кои сега седат во раководството на сектата имале/имаат врска со „јажето“, а идентична е и причината зошто баш онаа „многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари“, речиси сите, така здушно го формирале „хорот за рехабилитација“, со една единствена нумера: другите се виновни! Затоа, имено, во сите нивни говори и соопштенија, секогаш и како правило, другите се криминалци, другите се недемократи и предавници, другите се продаваат за пари…

Дали ни/им е некаква утеха што не сме единствен ваков пример во современата европска историја. Зашто, Адорно го пишувал текстот што го спомнувам во 1959 година, значи 14 години по катастрофалната пропаст на Третиот рајх и згрозеноста на светот од геноцидната страна на германскиот дух. Но, не го пишувал случајно или од здодевност. Тогашна Германија во многу нешта наликувала на сегашна Македонија. Сите барале да завладее заборав, меморијата да се избрише, администрацијата била полна со бивши нацистички гаулајтери, ги имало во сите министерства, дури и на високи, одговорни позиции. Исто како кај нас по 2024 година, со оние кои седум години беснееа низ државава. И нема одговорни!

Но не, сепак не се обидувам да изедначам нацистички гаулајтери со локални „идеолошки“ шерифи кои се обидуваат да фрлаат димни бомби што ќе го заматат минатото. Зашто тоа, повеќе или помалку, е во „душата“ на секој човек – да се прикажува подобар, поуспешен, поубав, поумен… Затоа Адорно вели: луѓето сакаат да се ослободат од минатото, бидејќи во неговата сенка не може да се живее. И тоа е, да речеме, разбирливо. Но, кај нас луѓето – конкретни луѓе – не само што сакаат да се ослободат од црното им минато, туку сакаат истото да го префрлат врз туѓ грб!

И токму тука се вклопува во играта онаа „многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари“ кои низ достапните идеологизирани (некои велат нивни!) медиуми „го чистат“ минатото, ги олеснуваат злосторствата, ја затемнуваат историјата… до миг кога сѐ ќе стане релативно, ќе се смеша лошото и доброто, па дури доброто ќе заличи на лошо, и обратно. Повторно ќе ја спомнам чудовишнана „битка за обвинителката“ со којашто се сака да се релативизира криминалот и корупцијата на она гангстерско дувло викано сјо (малите букви се…), па во битката се вклучуваат секакви навивачки групи и форуми бранејќи некаков ни виден ни чуен интегритет – зашто ако го имаше, ќе го видевме уште во 2020 година итн., итн.

И такви „битки“ ќе има и понатаму, само ако оваа власт се осмели да ги води контра докажаните криминали на бившите. Зашто, замислете каква атмосфера би се создала ако повторно се отвори „случајот Тетово“ и огнената болница!? Каква „битка за лидеро“ би била таа? Но не само тој случај, се разбира, ги има уште многу коишто – барем така изгледа во јавноста – некој ги држи „на мраз“ за некакви политички пазарења. Што повторно го наметнува прашањето за нови јажиња, џелати, жртви итн.

П.С.

Текстот е пишуван со намера да се совпадне со големиот празник што ја слави жртвата, но не го заборава ни џелатот. Македонската мината историја е полна со такви „празници“. Зошто мора и совремието да ни биде такво?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини