АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД ЌЕ БИДЕ ПОСКАП, НО ЌЕ БИДЕ ГОТОВ НА ПОЧЕТОКОТ НА 2027 ГОДИНА Треба да се заврши тунелот и да се стабилизираат 15 свлечишта
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека делови од автопатот ќе бидат готови и порано од планот, но дека пообемни ќе бидат работата на тунелите и на свлечиштата.
Автопатот Кичево – Охрид треба да биде пуштен во целосна употреба до првото тримесечје во 2027 година, но делови од него ќе бидат готови и пред овој рок, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој рече дека за негово довршување ќе треба да се прошири и кредитната рамка, бидејќи за стабилизирање на свлечиштата не биле предвидени пари.
– Динамиката на изградба на автопатот Кичево – Охрид пред 8 месеци беше до никаде. Се работеше во три смени жестоко, посветено и резултатот од тоа е 17 километри иако тој дел е 20 километри. Делот кој скршнува кон Пресека до тунелите не е пуштен, бидејќи тој дел заедно со делот од Врбјани до Кичево во должина од 17 километри треба дополнително да се заврши. Таму има 10 свлечишта кои треба да се стабилизираат. Очекувам во август да се почне со нивно стабилизирање. Тој дел треба да биде завршен до декември или до првиот квартал во 2027 година. Во делот од 5 километри од селото Ботун има 6 многу големи и предизвикувачки свлечишта. За сето ова ќе треба да се зголеми рамката на кредитот бидејќи за ова не биле планирани средства. Се привршува работата од Климештани до Охрид. Таму се исто така околу 17 километри кои ќе бидат готови до крајот на август. Очекувам од 57 километри колку што е долг патот, 35 километри да бидат пуштени до крајот на август. Ќе останат 5 километри кај Ботун и 17 километри од излезот на тунелот до Кичево да се завршат до крајот на 2026 година и почетокот на 2027 година – рече Мицкоски.
Тој рече дека изградбата на автопатот Кичево – Охрид е показател за разликата меѓу оваа и минатата влада предводена од СДСМ.
– Тоа е разликата помеѓу оваа Влада, и владата на СДСМ и ДУИ коишто ги интересираше само да исплатат аванси за да може да добијат некоја милост назад. Оваа влада не ја интересираат авансите, туку ја интересира работа, фронт и просперитет на државата. Додека владата на СДСМ и ДУИ крадеше, оваа Влада гради. Тоа е разликата. Нас не нѐ интересираат ниту трговски центри, ниту скапи автомобили, ниту инстант фирми за увоз на јаглен, ниту богати туристички агенции коишто купуваат евтини деловни простори во центарот на Скопје. Нас нѐ интересира работа и просперитет на сите граѓани на целата територија на Македонија – рече премиерот Мицкоски.
Тој рече и дека интензивно се работи на патот кај Букојчани, како и на правците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола кои очекува да бидат завршени пред планираното време.
– Повеќе од 75 проценти од фронтот за работа е отворен. Се работи со несмалена динамика. Голем дел од активностите ќе бидат реализирани оваа година. Исто така со несмалена динамика се работи и на автопатот Тетово – Гостивар, како и на автопатот Прилеп – Битола којшто очекувам дури и пред предвидениот план да бидат завршени – рече Мицкоски.