Автопат на срамот

Охриѓани, гајрет, ако не ова лето, другата зима! Ќе бидит!

4,872

„Од кучка да е човек цицан, ова не се трпит“ – велеше Змејко Јолески.

Навистина било така – велат охриѓани.






И колку да е човек трпелив, и колку да не е кавгаџија и да не сака да се расправа, има работи кои, едноставно, не можат да се премолчат.

Во Охрид веќе нема ниту еден полнолетен граѓанин кој не го поставува прашањето: Што се случува со автопатот Кичево – Охрид?

Работите, се разбира, со задолжителниот протоколарен церемонијал, започнаа на 22 февруари во далечната 2014 година. Педесет и седумте километри автопат, за сума од 374 милиони позајмени евра, требаше да бидат готови во 2018 година.

Во март 2018-та, Владата донесе одлука за продолжување на рокот до 30 јуни 2021 година, а новата цена на чинење е близу 600 милиони, пак позајмени, евра.

Денес е 1 јуни 2021 година. Според многумина стручни луѓе кои се разбираат од оваа област, автопатот, со оваа динамика со која се работи, не може да биде готов ниту до 30 јуни 2025 година.

Ова се факти. Ова е срам. Ова е неспособност. Сѐ друго се приказни за мали деца.

А за споредба, за тоа што е гордост, што е способност, повозрасните сигурно ги знаат, ама за оние помладите што се или сакаат да бидат премиери, министри, директори и сакаат да водат држава, еве неколку „ситници“ од поранешната ни држава:

На 1 април 1946 година започнаа подготовките (затоа овој датум беше Ден на младинските работни акции), а на 1 мај истата година започнаа и работите на изградбата на железничката пруга Брчко – Бановиќи во северна Босна. 62.268 младинци од цела Југославија, со копач, со лопата и со количка пробија три тунели во должина од 667 метри, 22 моста во должина од 455 метри. Првиот воз, по новата железничка пруга, долга 92 километри, помина на 7 ноември 1946 година. За шест месеци и една недела пругата Брчко – Бановиќи беше завршена. Запомнете, месеци не години!

За овој подвиг, Великиот Мирослав Крлежа запиша: „Ова, сигурно, не е првата пруга во светот, ама е прва која ја изградија деца“.

Пругата Шамац – Сараево, долга 242 км, со 9 тунели (2.267м), 17 мостови (1.330м), следната 1947  година, беше изградена за 7 месеци и 15 дена.

Првата делница од автопатот Братство – Единство, од Загреб до Белград, во должина од 382 км, беше изградена за неполни 3 години.

Ова беше само почеток. Следуваа уште стотици, илјадници вакви и слични подвизи. Тогаш младите градеа, сега, од клупа, стануваат министри…

Дечки, водењето држава не е сликање, лечење комплекси и задоволување страсти и суети, туку многу сериозна и одговорна работа.

Охриѓани,

Гајрет, ако не ова лето, другата зима!

Ќе бидит!

(Авторот е поранешен пратеник)

 

 

Поврзани содржини