Автопат – аждер голта животи, милиони, години…
Тие што градат, ископале провалии – тука до асфалот, поставиле некави цевки, заминале. И така стои со години. На тие места, претекнување, е исто што и самоубиство. Но, тоа го знаеме ние што секојдневно поминуваме. Не го знаат јабанџиите. Дали некој ќе одговара за сите досега дадени непотребни жртви, за платениот данок во крв - досега и за оној што ќе се плаќа и понатаму?
Еден нов, наш, Питагора, вчера, пресмета дека, цитирам: „Зоќо, Жмицко и Али, немаат – сите заедно, рејтинг колку Александар Вучиќ!”.
Една нова, наша, Хипокритка, која се умислува, дека, за сè има одговор и дека се во оваа јадна Македонија и пошироко, зависи од нејзините мудрувања, до вчера, на отворена сцена, српскиот претседател го нарекуваше, ни помалку ни повеќе, туку –ЛУДАК!!!
Истата, премудра и пречесна, во саботата, прва побрза за Белград, да се офајди со едно вакцинче од истиот тој Александар Вучиќ, да направи едно селфи пред Белградскиот саем… море, цитирам, „стигнала и до насловните страници” на Вучиќевите таблоиди!?
Па не е ѕид да не се помести!? Не мислам – физички!
Зошто и таа, кутричката, не би била дел од оваа балканската дешавка, од сторијата за „имунитетот на крдото”? Јасна е работата – кој е лудиот а кој збунетиот, ама луд или паметен, зошто вакцините да се фрлат на ѓубриште, кога веќе, по Балканите, има толку непелцовани?
Само ја цитирам српската премиерка Св.Ана.
Нашите, вчера, ги собраа амбасадорите од Западот на скопскиот аеродром, заедно, со фемили-фото, да го прослават доаѓањето на пакетче вакцини. Ние покажавме дека, сепак, му ја мислиме на народот, а Европејците и Американците покаажаа дека, сепак, се грижат за нас и дека не е точно оти му подлегнале на „вакционалниот национализам!”.
Александар Вучиќ, не дека не е диктатор, апсолутен властодржец „момичка за се”! Ама, брате, е врвне спин-доктор. А и исполнува. Во делот на масовната вакцинација и имунизација на населението, капа му симнуваат и опозицијата и невладиниот печат.
Човекот знае како, но, и може. Вчера и тој ги собра западните амбасадори, откако претходниот ден, им одржа лекција („баш ме брига шта су рекли у Европксом парламенту!”), да ја започнат, заедно, изградбата на првиот дигитален автопат на Балканите, и најширок – 30 метри, делница од Моравскиот коридор.
Од Чачак до Прелина, на 120 километри. Вучиќ вели ќе биде изграден – „у рекордно време”, а еве што значи дигитален пат: дигитални знаци и известувања по целата должина, каде има гужва, евентуално сообраќајка, каде е лизгаво, интернет по целата должина…
Го гради една американско-турска корпорација.
Ете така, автопат – дигитален, регионален, со 120 километри, ќе биде поевтин од нашата „ауто-страда” (Кичево-Охрид) на која навистина страдаат и луге, страдаат цели семејства, страдаат и нашите возила. Затоа се вика „ауто-страда!”.
Вучиќ, на запад од земјата, гради со Американци и Европјани, а на исток – со Кинези. На едните им намигнува, на другите им довикнува. Дава трепкач за запад, а вози на исток. И му успева. Диктатор, недиктатор, но, човекот им диктира на сите. Земјата ја шпарта со автопатишта.
За тоа време, нашиот автопат, секојдневно, голта животи, милиони, години… Поминува и седмата година од изградбата, новиот министер за транспорт, вели дека ќе биде успех, ако до крајот на годинава, бидат пуштени во употреба, барем, првите дваесетина километри!
Министерот се вади на финтата дека претходната власт погрешно го испроектирала патот. Тука, најверојатно, има вистина. Делува верно, ама не е доволно-уверително. Каква е тоа утеха за семејствата чии блиски ги оставија животите на овој автопат – кланица? Зашто министерот, додека го препроектира, не го затвори? Да, да во секоја, и малку нормано уредена држава, овој пат – монструм треба и мора да биде затворен. А министерот, од некого треба да побара оставка, или самиот да ја понуди.
Министерот, премиерот, шефот на државата, кога ќе доагаат во Охрид, нека ја запрат колоната од возила, пред која оди полициско возило – чистач. Еве, нека го сторат тоа на најпрометната делница – пред и после аеродромот. Кога тие поминуваат со 120 километри на час, ништо не забележуваат. Ако застанат – ќе забележат.
Ќе забележат дека од двете страни на коловозот, покрај како со нож исечениот асфалт – од левата и десната страна, веднаш има провалии! Некаде метар, некаде – два, понекаде во двоцифрени мерки! Зарем и за ова треба препроектирање?Единствената „заштита” е црвената пластична ограда, а некаде ниту таа!!!
Се разбира дека не треба, а оваа кланица од сообраќајница, е метафора на нашиот јавашлук, неодговорност, неказнивост, нечовечност….
Тие што градат, ископале провалии – тука до асфалот, поставиле некави цевки, заминале. И така стои со години. На тие места, претекнување, е исто што и самоубиство. Но, тоа го знаеме ние што секојдневно поминуваме. Не го знаат јабанџиите. Дали некој ќе одговара за сите досега дадени непотребни жртви, за платениот данок во крв – досега и за оној што ќе се плаќа и понатаму?
Ајде, белким ќе ни тргне, белким остана уште некоја непотопена лаѓа? И оној што се фрлил од десеттиот кат за да си ги скрати маките, некаде на половина пат, им свикал на комшиите: сеуште е добро! Вчера, Заев и Мицкоски, излегоа од состанокот како нови – со испеглани лица. Заев вели дека „народот сакал доблесни политичари!”.
Нека е така, макар доблесните и секојден се потурале со пепел. Ако не сака Мухамед да оди на скопското Кале, тогаш Калето ќе дојде кај Мухамед. Па, не се зидови да не се помрднат. Оној од власта, речиси до вчера, си бираше лидер на опозицијата по своја мерка, додека актуелниот, кутриот, душа собираше на Инфективната клиника!
Премиерот побрза да ни каже дека, за одлагањето на пописот, го прашал и зоти Амети. Убаво, можеби има уште некој наивен што тоа не го знае однапред. А за условите што ги поставил Али, ќе ни каже во некоја друга прилика, иако и од изјавата на премиерот тие можат деа се прочитаат!
Има една реклама што се врти по српските телевизии: „зна се где зека пије воду”!
А, има уште една: „Зна се, ко коси, а ко воду носи”!!!