АВТОМОБИЛ ЗАГЛАВИЛ ВО ПОДВОЗНИК ВО ТЕТОВО Возачот навреме излегол од возилото и побарал помош
Едно патничко возило се обидело да помине низ водата, при што останало заглавено. Возачот навремено го напуштил возилото и не е повреден.
Возач неуспешно се обидел да помине со својот автомобил преку подвозник каде имало насобрана вода поради интензивните врнежи од дожд во Тетово, информираат од Центарот за управување со кризи.
Преку бројот за итни повици Е-112 е добиена пријава дека во населбата Дарданија (Општина Тетово), во близина на подвозникот кај полигонот, се насобрала поголема количина вода. Едно патничко возило се обидело да помине низ водата, при што останало заглавено. Возачот навремено го напуштил возилото и не е повреден. На местото на настанот веднаш излегле екипи на СВР Тетово и ТППЕ Тетово, кои интервенирале со две противпожарни возила и четворица пожарникари.
Во населбата Дарданија постојат две алтернативни улици, кои граѓаните можат да ги користат за непречено извршување на своите секојдневни обврски додека трае расчистувањето и нормализирањето на состојбата. Од ЦУК апелираат до граѓаните за претпазливост и почитување на упатствата од надлежните служби.