АВТОБУСКИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ЌЕ БАНКРОТИРААТ ИЛИ ЌЕ ЈА ЗГОЛЕМАТ ЦЕНАТА НА БИЛЕТИТЕ ЗА 20 ОТСТО Со сегашните цени работат со загуба, а патници имаат сѐ помалку
Такси-превозот во Скопје останува на иста цена, но наредни повисоки цени на горивата ќе значат и повик за барање за зголемување на цената договорена со Градот.
Сè повисоките цени на горивата го доведуваат во прашање и превозот на патници во земјава. Автобуските превозници најавуваат зголемување на цената на билетите за 20 отсто, ако до крајот на месецот не запре растот на горивата и не преземе нешто владата.
Такси превозниците во Скопје, засега не размислуваат за повисока цена на превозот, но дел од нив го намалија или укинаа попустот што беше во рамки на договорената цена со Градот. Тоа значи дека повисоката цена на горивото веќе влијае на заработката. Тие велат дека ќе следат што ќе се случува со цената на горивата и по потреба ќе реагираат.
И двата вида на превозници, меѓутоа, се плашат дека ќе ги изгубат и така малиот број на патници, ако ги зголемат цените на превозот и затоа бараат реакција на владата.
Автопревозниците од источниот дел на земјава веќе се состанале да ја разгледаат моменталната состојба. Тие утврдиле дека цената на билетот треба да се зголеми, со оглед на растот на цената на горивата, но ќе почекаат да заврши месецот за да видат дали горивата ќе имаат повисоки цени.
– Со овие цени, а уште повеќе со повисоката цена на горивото ние во старт сме во загуба. Пресметките се дека нас една релација од 200 километри во земјава, на пример до Охрид или Струга ќе нè чини некаде околу 20.000 денари. Ако на другата страна пресметаме дека просечно превезуваме 10 до 13 патници со билет од 750 денари тоа е некаде 9.750 денари, што значи само ќе го покриеме горивото, а каде се возачот, режиските трошоци, таксите, сметководството и другите вработени кои се грижат за превозот. За позитивна нула значи ни се потребни 25 патници по сегашната цена на билетот, но тоа не може да се реализира – вели Горан Трпковски, претседател на Асоцијацијата на автобуски превозници Исток.
Пресметките на превозниците се дека во старт им се потребни најмалку 20.000 денари само за покривање на основните трошоци без никаква заработка.
– За 200 километри ни се потребни 120 литри гориво, а тоа е 9.600 денари. Тука треба да го пресметаме и трошокот за возачот 2500 денари, потоа трошоците за влез и излез во станиците, за продажба на билетите и другите режиски трошоци за сметководство управител и најмалку еден вработен кој се грижи за навремен превоз и сето тоа во старт не чини околу 20.000 денари. Ако на другата страна пресметаме дека просечно превезуваме 10 до 13 патници со билет од 750 денари не можеме да го покриеме ниту горивото – појаснува Трпковски.
Тој додава дека и во договорениот превоз кој го имаат за училиштата, армијата и други институции трпат загуби.
– Договорите се со пресметки направени на цена од 55 денари литар гориво. Зголемената цена во старт ни ги топи бројките, што значи до крајот на годинава до кога се договорите ние ќе возиме со загуби. Немаме калсузули во договорите за потпишување анекси ако цената на горивото се зголеми и тоа е тоа – вели Трпковски.
Трпковски појаснува дека на состанокот што го имале деновиве имало различни мислења околу зголемувањето на цената на билетот и е решено да почекаат до крајот на месецот за да видат како ќе се движат цените на горивата, па да одлучат дали ќе ги зголемат цените на билетите.
– Дел од превозниците се загрижени дека ќе се намали и така малиот број на патници што сега ги имаме. Бројот на патници се намали изминативе две години, не само поради ковид мерките, туку од тоа дека патниците се плашат да патуваат поради ширење на заразата. Сега имаме можност да возиме со капацитет од 75 отсто, но нема патници. Преку недела возиме по најмногу 13 патници, а за викенд помалку. Имаме мало зголемување на патници со студентите, но тоа е минимално. Затоа сè уште меѓу членовите има колебање околу тоа дали треба и колку да се зголеми цената на билетот. Пресметките се дека зголемувањето треба да биде за најмалку 20 отсто – додава тој.
Превозниците се надеваат дека владата ќе донесе некакви мерки за ублажување на состојбата.
– Како можни опции за тоа се намалување на акцизата, или на данокот на додадена вредност за горивата, а може и да се замрзнат цените како што тоа го направија во Хрватска и други земји. Но, засега нема ништо. Ако не се донесе некаква мерка за помош тогаш дел од нас ќе треба да ги гаражираме автобусите ако не посегнеме по повисока цена на превозот – вели Трпковски.
Такси превозниците во Скопје, засега не размислуваат за повисока цена на превозот, но дел од нив го намалија или укинаа попустот што е во рамки на договорената цена со Градот.
– Прво да кажам дека по последното зголемување на цената на горивата нема да го поскапи такси превозот. Меѓутоа, некои такси-компании го намалија, а некои го укинаа попустот што го имаме со години. Немам сознанија дека некоја компанија доставила барање за зголемување на цената оти го знаеме стандардот на граѓаните – вели Сашо Рајчановски, претседател на Групација на автотакси превозници на Град Скопје.
Тој меѓутоа не ја исклучува можноста, ако продолжи порастот на цените на горивата да се создадат, како што вели принудно, услови за зголемување на цената на такси-превозот во Скопје.
– Ќе следиме како ќе се движи цената на горивото. Во моментот кога ќе процениме дека нема да можеме да издржиме тогаш ќе мора да побараме зголемување на цената. А тој момент најверојатно ќе дојде кога такси-компаниите ќе ги укинат попустите – вели Рајчановски.
Рајчановски потенцира дека цената на таксито во последниве 10 години е иста, а во меѓувреме повеќе пати и за многу се зголеми цената на горивото, па сега таксистите работат со минимална заработувачка. Лоши за нив беа и последните две пандемски години, но не е побарано зголемување на цената, со оглед дека стандардот на граѓаните е полош. Затоа тој смета дека треба да има некаква реакција од страна на владата.