АВСТРИСКИ ВАЛЦЕР ИЛИ ГРЧКО СИРТАКИ Се „штима“ ли изборот за снабдувач со струја на домаќинствата?
Актуелните властодршци трпат силен политички притисок да му овозможат на актуелниот снабдувач чист терен на јавната аукција. Со месеци се бараат изговори и правни модалитети како од трката за универзален снабдувач да се исфрли ЕДС.
Одолговлекувањето на изборот на универзален снабдувач воопшто не е случајно, коментираат упатени извори.
Неофицијално, зад кулисите се одвива вистинска драма која може да предизвика тешки економски последици врз грбот на граѓаните.
Битката се води меѓу австриски ЕВН и грчки ЕДС. Актуелните властодршци трпат силен политички притисок да му овозможат на актуелниот снабдувач чист терен на јавната аукција. Со месеци се бараат изговори и правни модалитети како од трката за универзален снабдувач да се исфрли ЕДС.
Причината е што актуелниот универзален снабдувач стравува дека ЕДС поради фактот што зад него стои ППЦ, со годишен обрт од 11 милијарди евра, ќе понуди цена со далеку пониска маржа, како што и впрочем најавуваше раководството на компанијата во пресрет на јавниот повик.
Наводно станува збор за намалување од досегашната маржа од 11,5 отсто на речиси половина од тоа. Грубите пресметки говорат дека ваквата маржа на годишно ниво значи значително пониски сметки за струја за граѓаните, а намалување на профитот на компанијата универзален снабдувач за близу половина милијарда евра.
Се чини, целата постапка намерно се пролонгирала за да влезе во мандатот на техничката влада, додека јавноста се замајува со предизборни активности и за да се избегнат реакции за изборот кој отвора дилеми дека е направен спротивно на интересите на граѓаните кои очекуваат пониски сметки за струја.
Според неофицијални извори, во извештајот комисијата препорачува само една компанија да продолжи понатаму.
Услов за добивање на договорот за универзален снабдувач е најниска понудена маржа. Почетната ќе биде согласно доставените понуди односно 11,4 отсто. Изворите велат дека предвиденото сценарио е државната компанија речиси да не учествува во наддавањето и да се заврши на 10 отсто маржа.
Инаку, јавниот повик за избор на универзален снабдувач на домаќинствата и малите потрошувачи беше затворен на 12 јануари. На него се пријавија досегашниот универзален снабдувач, ЕВН, државната компанија ЕСМ продажба и ЕДС АД Скопје.