ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО БУДНО ЌЕ ГИ СЛЕДИ ИЗБОРИТЕ „Ќе се постапува по сите индиции за прекршоци“
Комисијата за следење на евентуални нерегуларности ќе ги следи сите настани поврзани со извршување на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – „кривични дела против изборите и гласањето“, како и други кривични дела, информираат од ЈО.
Јавното обвинителство(ЈО) будно ќе ги следи изборите преку сопствена Комисија и дополнителни дежурства во своите служби, а граѓаните ќе можат да пријават каква било нерегуларност на отворената електронска адреса [email protected], каде секој може да достави поднесок или пријава, пишува МИА.
Комисијата за следење на евентуални нерегуларности ќе ги следи сите настани поврзани со извршување на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – „кривични дела против изборите и гласањето“, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, пишува МИА.
„Јавните обвинители посветено постапуваат во борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, давајќи придонес кон нивно сузбивање и превенирање“, се наведува во денешното соопштение на ЈО.
Обвинителството информира и дека во текот на утрешниот изборен ден ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства.
„Ја известуваме јавноста дека во текот на изборниот ден, на 17 октомври 2021 година, ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства. Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување“.