„ЈАВНОСТА МУ ПРЕСУДИ НА ВАСО, СУДОТ НЕ“ Дуковски тврди дека 12 години е првпат во историјата на Македонија

Адвокатот Сашко Дуковски смета дека казната од 12 години затвор за Васил Јованов, осуден за прегазувањето на Фросина Кулакова, е неправедна и донесена под влијание на јавноста, а не врз основа на судската пракса.

243

Адвокатот Сашко Дуковски, бранител на Васил Јованов, изјави дека казната од 12 години затвор, изречена за неговиот клиент за сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова, е резултат на притисок од јавноста, а не на правна анализа и судска пракса.

– Во овој случај се оди на лов на вештерки. Пресудата е донесена под огромен јавен притисок и важеше начелото „око за око, заб за заб“. Никогаш досега во историјата на македонското правосудство не е изречена ваква висока казна за ваков тип на дело – изјави Дуковски по денешната јавна седница пред Апелациониот суд Скопје.






Според него, судот во постапката испитува дали признанието на вина било дадено доброволно и дали каењето на обвинетиот било искрено.

– Не може четири пати да се каете. Ние приложивме видео снимка веднаш по несреќата каде што се слуша Јованов како вели ‘леле што сторив, греота за девојчето’. Тоа е искрено и човечки каење. Вештакот Маркециќ, кој со години работи за Обвинителството, потврди дека каењето е сериозно, лично и недвосмислено – рече Дуковски.

Тој потсети дека во други случаи на потешки сообраќајки, каде имало и бегство од местото на настанот и дополнителни повреди, казните биле значително пониски – околу осум години затвор.

– Тоа е целта на признанието – да се избегне долг и скап процес, обвинетиот да покаже одговорност, а државата да добие правна разрешница. Но, каков бенефит има со 12 години затвор? Јавноста му пресуди на Јованов, не судот. Не барам да му се даде орден, туку разумна казна во рамките на судската пракса. Сообраќајки имало и ќе има, но правдата мора да биде еднаква за сите – нагласи тој.

Пред Апелациониот суд Скопје денеска се разгледуваа жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 13 мај годинава, со која Јованов беше огласен за виновен за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, врз основа на признание на вина.

Фросина Кулакова од Неготино беше прегазена на 29 јануари годинава додека поминувала пешачки премин на булеварот Партизански одреди во близина на Универзалната сала во Скопје. Дваесетгодишниот Васил Јованов управувал возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол и минал на црвено светло, по што ја прегазил девојката, која почина на самото место.

Поврзани содржини