ЈАВНА МОРАЛНА ОСУДА ОД ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ЗА Д-Р КУЗМАНОВСКИ Комисијата за етички прашања чека уште извештаи за одлука како ќе постапи
Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и да покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги, се вели во соопштението од Лекарската комора.
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора, постапувајќи по случајот со видеоснимката објавена на социјалните медиуми во која е инволвиран д-р Игор Кузмановски, упатува јавна морална осуда за настанот, соопшти денеска Лекарската комора.
„Ова се прави со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат“, соопшти Лекарската комора.
Комората нагласува дека д-р Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значење во заедницата.
„Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и да покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги“, се вели во соопштението.
На состанокот на Комисијата за етички и правни прашања, се додава, детаљно беа разгледани документите добиени од Министерството за здравство, а беше направена и проверка на поднесените претставки до Комората за евентуални етички пропусти во работењето.
„Беше констатирано дека нема случај поврзан со д-р Кузмановски. Со цел да може да се обезбедат соодветни факти и да се добие целосна слика за етичкото однесување на докторот во изминатиот период, што сметаме дека е важно во оваа ситуација, Комисијата цени дека е важно да ги има на увид и извештаите од стручните комисии формирани за овој случај од страна на Министерството за здравство и од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија. По добивањето на овие официјални извештаи и комплетирањето на информациите, Комисијата ќе донесе заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми“, соопшти Лекарската комора.
Д-р Кузмановски и понатаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност, а доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано, се вели во соопштението.
На социјалната мрежа Икс пред неколку дена беше објавено видео во кое се гледа директорот на Универзитетската клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски како меша бела прашкаста материја во чинија и со асоцијации зборува за кокаин, додека разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото. По објавата, Министерството за здравство го разреши д-р Кузмановски од директорската функција.