АВМУ ПОВЕДЕ ПОСТАПКИ ПРОТИВ ТВ 21-М И ТВ ШУТЕЛ – Телевизиите го прекршиле изборниот молк
ТВ 21-М на првиот ден од изборниот молк, емитувала реприза на емисијата Клик плус – Изборни дебати, а ТВ Шутел за време на двата дена од изборниот молк, емитувала музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) поведе прекршочни постапки против ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк во првиот круг од локалните избори 2025 година.
Според извештаите од извршениот мониторинг на изборното медиумско претставување, ТВ Компани 21-М на 18 октомври, првиот ден од изборниот молк, емитувала реприза на емисијата Клик плус – Изборни дебати, која првично била прикажана на 17 октомври. Во емисијата учествувале тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар, што претставува прекршување на Изборниот законик, бидејќи медиумот емитувал содржини во кои настапуваат учесници во изборите.
Истовремено, ТВ Шутел на 18 и 19 октомври, за време на двата дена од изборниот молк, емитувала музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари.
Агенцијата соопшти дека постапките се поведуваат врз основа на утврдени прекршувања од мониторингот и дека ќе продолжи со внимателно следење на медиумското известување за време на изборниот процес.