АВИОСООБРАЌАЈОТ Е БЕЗБЕДЕН, НО СМЕНИ МОРА ДА ИМА Директорите и управниот одбор на М-НАВ ќе бидат разрешени, вели министерката Петровска
Ги повикуваме и политичките партии да не ги злоупотребуваат ниту вработувањата ниту вработените во оваа институција за остварување на своја лична агенда – рече министерката за одбрана.
Авиосообраќајот во Македонија е безбеден, тврди министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Според неа, предлогот за разрешување на Управниот одбор и раководството на М-НАВ е за да се испрати пораката дека компромис со безбедноста на авиосообраќајот нема да има.
– Предлогот за разрешување е бидејќи сакаме да ја испратиме пораката дека компромис со безбедноста на патниците и безбедноста на македонското небо нема да има и не смее да има. Истовремено, ги повикуваме и политичките партии и политичките движења во државата да не ги користат и да не ги злоупотребуваат ниту вработувањата ниту вработените во оваа институција за остварување на своја лична агенда. Она што е најважно за граѓаните и за јавноста е дека авиосообраќајот во Р. Македонија е безбеден и се одвива согласно правилата на ‘Еуроконтрол’ – вели Петровска.
Според министерката за одбрана, раководството потфрлило во целта да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата.
– Случувањата во М-НАВ, особено невозможноста да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата, како и немањето соодветен дијалог помеѓу работодавците и Синдикатот, очигледно дека предизвикаа бранувања и во јавноста, но и во институциите. Претседателот на Владата, во консултација со мене како министер за одбрана и со министерот за транспорт и врски, донесе одлука дека на следната седница, т.е. седницата во вторник на Владата ќе предложи разрешување на директорите и управниот одбор на М-НАВ – додава Петровска.