АВИОНОТ ШТО СЕ УРНА БИЛ СТАР 50 ГОДИНИ, ГО НАРЕКУВАЛЕ „ЛЕТЕЧКИ ТРАКТОР“ Русија се мачи да ги одржува старите летала поради западните санкции
Руските власти оформија посебна комисија за управување со последиците од несреќата, а претседателот Владимир Путин бил запознаен со случајот. Истражниот комитет покрена кривична истрага за можни прекршувања на прописите за безбедност во воздушниот сообраќај.
Рускиот патнички авион, кој се урнал, бил во сопственост на приватната регионална авиокомпанија „Ангара“, со седиште во Сибир и според бројот на опашката… авионот бил произведен во 1976 година и претходно бил во сопственост на советскиот национален авиопревозник Аэрофлот пред распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, објави Ројтерс.
Авионот од типот Антонов Ан-24, со приближно 50 патници, меѓу кои 5 деца, се урна во четвртокот на рускиот Далечен исток, за време на лет од Благовешченск кон Тинда – изолиран град и клучна железничка раскрсница во Амурската област, блиску до кинеската граница. Контактот со леталото бил изгубен додека се приближувало за слетување, а според информациите од итните служби, се претпоставува дека нема преживеани.
ИСЧЕЗНА РУСКИ АВИОН, ДВАПАТИ СЕ ОБИДЕЛ ДА СЛЕТА На летот има 43 патници, меѓу кои 5 деца
Запалениот труп на авионот, кој е произведен во советската ера и е стар речиси 50 години, бил забележан од воздух од хеликоптер, а спасувачки екипи итале кон местото на несреќата.
На видеа, снимени од хеликоптер, и објавени на социјалните мрежи се гледа дека авионот паднал во густа шума, а над местото се издигнувал блед чад. Остатоците од авионот биле пронајдени на рид, околу 15 километри од Тинда, објави агенцијата Интерфакс, повикувајќи се на службени лица од итните служби.
„Во текот на потрагата, хеликоптер Ми-8 на Росавијација го откри трупот на авионот, кој бил во пламен. Спасувачите сѐ уште се пробиваат кон местото на несреќата“, соопшти Министерството за вонредни ситуации на Телеграм.
Претставник од компанијата „Ангара“ за Ројтерс изјавил дека моментално не може да даде повеќе детали.
„Летечки трактори“
Авиокомпанијата „Ангара“ е со седиште во сибирскиот град Иркутск и опслужува аеродроми во Сибир и во рускиот Далечен исток. Компанијата управува со 10 авиони Ан-24, произведени меѓу 1972 и 1976 година.
Минатата година, „Ангара“ била една од двете сибирски авиокомпании што побарале од руската влада да им се продолжи дозволата за користење на Антоновите авиони, а многу од нив се постари од 50 години бидејќи руските производители не можат да ги заменат навреме поради повлекување на странските компании.
Овие пропелерски авиони, кои некои ги нарекуваат „летачки трактори“, важат за доверливи „работници“ во руската авијација – прилагодени се за сурови услови, можат да летаат при многу ниски температури и не бараат асфалтирани писти.
Но, според директори на авиокомпании, пилоти и експерти од индустријата, трошоците за одржување на овие авиони – кои претставуваат мал дел од вкупната руска флота од над 1.000 патнички авиони – значително се зголемиле откако западните санкции го ограничија пристапот до делови и до инвестиции поради војната во Украина.
Многу од овие авиони требало да бидат пензионирани во следните години, но регионалните превозници се обидуваат да ги задржат во употреба сè додека не се појават алтернативи, тврдејќи дека моментално нема замена.
Масовното производство на новиот авион „Ладога“, кој припаѓа на иста класа како Ан-24, не се очекува да започне пред 2027 година.
Путин информиран, отворена истрага
Руската влада формираше специјална комисија за справување со последиците од несреќата, а претседателот Владимир Путин е информиран за настанот. Истражниот комитет на Русија отвори кривична постапка за можно кршење на правилата за безбедност во воздушниот сообраќај.
– Ова е голема трагедија. Сите расположливи ресурси се вклучени во спасувачката и во истражната операција – изјави гувернерот на Амурската област, Василиј Орлов.
На снимките од хеликоптери што се појавија на социјалните мрежи се гледаат остатоци од авионот во шума, кои сѐ уште чадат на стрмна планинска падина. Според сведоци, авионот непосредно пред падот летал необично ниско, што дополнително ги вознемирило локалните жители.
Оваа несреќа претставува најтешка авионска трагедија во Русија во последниве неколку години. Семејствата на загинатите бараат одговори, додека јавноста поставува прашања за одговорноста околу користењето на застарени летала и за одржувањето на безбедноста во воздушниот сообраќај.