Авети на историјата
Искрено, ме плаши само едно. Ме плаши поразителниот факт што одамна немаме грамадни поединци од форматот на Апостолски и сличните на него. Ме плаши фактот што на македонската политичка сцена дојдоа луѓе кои ги интересира само гола власт и ништо друго.
„…Цело столетие името на таа мала турска касаба во близина на Цариград беше симбол и храна на бугарската националистичка политика. Сан Стефано, за жал, тоа е и денес. Прославувајќи ја стогодишнината од Санстефанскиот договор, бугарските званичници и научници пролеаја реки солзи поради неуспехот на оваа творба на рускиот гроф Игнатиев. Кукаа, всушност, над крахот на една поробувачка и освојувачка политика која неколку пати им носеше оган и очај на балканските народи.
Но, Сан Стефано е само кулминација на една опсесија која со таква сила ја голта современа Бугарија, така што сличен пример во Европа денес нема. Се велича минатото до гол фалсификат: се измислуваат востанија кои не се случиле, ја присвојуваат борбата на другите народи, ослободуваат територии кои други ги ослободија, дури и ги оправдуваат фашистичките злочини. Со статистичка алхемија ги снема сите други народи, така што создадоа светски феномен – еднонационална бугарска држава…“
(Извадок од интервјуто на народниот херој, генерал, командант на НОВ И ПОМ, претседател на МАНУ и претседател на Советот на академии на науки и уметности на СФРЈ, Михајло Апостолски, објавено во култниот белградски и југословенски неделник „ДУГА“, бр. 106, од 18 март 1978 г.)
После ова што може човек да каже, освен дека „Волкот го менувава влакното, но умот никогаш“. И после 44 години од ова интервју на Големиот Апостолски, сѐ е исто. Бугарија и во 21-ви век и како полноправна членка на ЕУ и НАТО и кога лицемерно се крсти во цивилизациските и демократски вредности на новото „европско“ време, таа живее со аветите на минатото и никако не може да се оттргне од канџите на Сан Стефано.
Но, нивната политика ниту ми значи ниту ме плаши дека од Македонец ќе направат Бугарин или што би рекол Темко Попов уште во далечната 1888 година: „ И сам Исус Христос ако слезит од небоно, не можит да го уверит Македонеца оти е Блгарин или Србин, освен оние Македонци у кои веќе пропагандата блгарска се имат вкоренено“.
Искрено, ме плаши само едно. Ме плаши поразителниот факт што одамна немаме грамадни поединци од форматот на Апостолски и сличните на него. Ме плаши фактот што на македонската политичка сцена дојдоа луѓе кои ги интересира само гола власт и ништо друго. Ме плаши фактот што нашите водачи секој ден сѐ повеќе личат на оној од Радое Домановиќ.