АТИНА ВОВЕДУВА „СЕЈФ СИТИ“ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Камерите фатиле 2.000 сериозни прекршоци за 4 дена

Регистрирани се околу 800 случаи на пребрзо возење на делот од патот каде што ограничувањето е 90 километри на час, како и 480 поминувања низ црвено светло.

209

Сообраќајните камери со вештачка интелигенција во поширокото подрачје на Атина регистрирале повеќе од 2.000 сериозни сообраќајни прекршоци за само четири дена, покажаа резултатите од пилот-проектот на грчките власти.

Од вторник до петок, една камера со вештачка интелигенција инсталирана на авенијата Сингру наводно регистрирала повеќе од 1.000 прекршоци поврзани со употреба на мобилни телефони и неносење безбедносни појаси, објави „Катимерини“.






Во истиот интервал, регистрирани се околу 800 случаи на пребрзо возење на делот од патот каде што ограничувањето е 90 километри на час. Исто така, беа регистрирани 480 прекршоци за поминување низ црвено светло.

Пилот-програмата, која започна минатата недела на осум локации со висок ризик по препорака на грчката полиција, е дел од поширока иницијатива за подобрување на безбедноста на патиштата.

– Ова е политичка одлука со јасна општествена цел. Станува збор за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и спасување на човечки животи – изјави министерот за дигитално управување Димитрис Папастергиу.

Според него, целта на оваа акција е одвраќање, а не казнување.

– Сакаме граѓаните да знаат дека правилата важат за сите и дека се спроведуваат на фер и современ начин – рече тој.

Поврзани содржини