АТЕНТАТОРОТ НА ФИЦО ДОНЕСЕН СО ШЛЕМ И СО ПАНЦИР Полицијата изврши претрес во неговиот дом
Полицијата помина неколку часа во станот, оттаму го зеде компјутерот и документите, објавија словачките медиуми.
Словачката полиција изврши претрес во домот на мажот обвинет дека тешко го ранил премиерот Роберт Фицо, кој сè уште е во болница на одделението за интензивна нега, објавија локалните медиуми.
Според снимките на ТВ каналот Маркиз, истражителите го однеле осомничениот напаѓач, облечен во панцир и шлем, во станот што го дели со сопругата во градот Левице.
„Полицијата помина неколку часа во станот, оттаму го зеде компјутерот и документите“ – објави телевизијата.
Полицијата одби да коментира за АФП за текот на истрагата и не сака да го открие името на осомничениот, но медиумите го идентификуваа како 71-годишниот пензионер Јурај Цинтула.
Во четвртокот тој беше обвинет за обид за убиство и напад кој полицијата го смета за „политички мотивиран“.
Премиерот Фицо беше нападнат во средата кога сакаше да ги поздрави насобраните на крајот од владината седница во градот Хандлови, на 80 километри од Левице. Фицо веднаш беше пренесен во болницата во Банска Бистрица, каде му е извршена петчасовна операција.
Новоизбраниот претседател на Словачка, Питер Пелегрини рече дека премиерот сè уште е во тешка состојба. Тој најави и дека во понеделник ќе заседава лекарскиот одбор за да одлучи за продолжување на лекувањето.
Нападот ја шокира Словачка и ги зголеми стравувањата за натамошно насилство во високополаризираната земја, само неколку недели пред европските избори.