АТАНАСОВСКИ ВЕТИ НОВИ КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ ВО МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА Актуелниот градоначалник зборуваше за изминатиот мандат и за иднината

Актуелниот градоначалник на Македонска Каменица и кандидат за иден мандат најави дека во следниот мандат ќе се посвети на нови капитални инвестиции, меѓу кои целосна реконструкција на Здравствениот дом, изградба на нова општинска зграда, реконструкција на градскиот базен и стадион, изградба на дом за стари лица и сместувачки објект за ученици во близина на образовните институции.

66

Актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Димчо Атанасовски, вечерва одржа трибина во Македонска Каменица, на која присуствуваа пратеникот во македонското собрание и член на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, како и носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Македонска Каменица, Гоце Стоиловски.

Во обраќањето пред голем број присутни граѓани, Атанасовски се заблагодари за довербата и поддршката што ја добива од каменичани, нагласувајќи дека тимот на ВМРО-ДПМНЕ е обединет и подготвен да ја продолжи мисијата за развој и просперитет на општината.






– Денес докажуваме дека сме посплотени од било кога, дека сме подготвени да се соочиме со сите предизвици и дека сме на патот да извојуваме уште една голема победа во Македонска Каменица – изјави Атанасовски, додавајќи дека општината е гордост и љубов за своите жители, но и заедничка одговорност да се изгради уште поубава и поразвиена средина.

Атанасовски потенцира дека изминатите четири години биле исполнети со бројни реализирани проекти, благодарение на соработката со Владата и поддршката од премиерот Мицкоски.

– И покрај сите пречки од политичките противници, покажавме дека со работа и посветеност може многу да се постигне. Без силната поддршка од Владата и од премиерот Христијан Мицкоски, многу од овие проекти немаше да се реализираат – нагласи Атанасовски.

Меѓу реализираните проекти ги спомена изградбата на нови улици, водовод и канализација во сите населени места, комплетното уредување и осветлување на кејот на реката Каменичка, спортскиот комплекс и првата кула за рана детекција на пожари во државата.

Атанасовски најави дека во следниот мандат ќе се посвети на нови капитални инвестиции, меѓу кои целосна реконструкција на Здравствениот дом, изградба на нова општинска зграда, реконструкција на градскиот базен и стадион, изградба на дом за стари лица и сместувачки објект за ученици во близина на образовните институции.

– Нашата нова програма е обемна, амбициозна и остварлива, со конкретни рокови и силна поддршка од Владата. Со тимот на ВМРО-ДПМНЕ, со Гоце Стоиловски како носител на советничката листа и со сите наши идни советници, ќе ја извојуваме најголемата победа во историјата на Македонска Каменица – истакна Атанасовски.

Тој најави и зголемена поддршка за јавните претпријатија, образованието, спортот, културата и локалниот туризам, како и нови мерки за енергетска ефикасност и заштита на животната средина.

– Ќе вложуваме во иднината на нашите деца, ќе поддржиме спортски клубови, културни настани и приватни иницијативи, за Македонска Каменица да биде град на успех и благосостојба – рече тој.

Во завршниот дел од обраќањето, Атанасовски упати повик до граѓаните за единство и поддршка на изборите.

– Да пратиме силна порака – Македонска Каменица ќе расте и ќе се развива, ќе биде подобро место за живот и град што силно ќе сјае. Направете го вистинскиот избор – гласајте за број 9 – порача Атанасовски.

Поврзани содржини