Атанас Костовски: Дај боже некогаш да играат Јужна и Северна Македонија, Грција неспортски реагира!
Не сум слушал известување од натпревар помеѓу Северна и Јужна Кореја, за да видам како известуваат, ама известување какво што бараат Грците е можно само ако дај боже некогаш играат Јужна и Северна Македонија, на шега вели Костовски.
Атанас Костовски, легендарниот македонски коментатор кој со години ги следеше настапите на македонските спортисти и ги пренесуваше натпреварите на телевизиските екрани бодрејќи ги нашите спортски амбасадори вели дека непотребна, нефер и неспортска е реакцијата на Грците во која побараа коментаторите на македонскиот национален сервис да го користат официјалното државно име кога настапува македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство во Букурешт.
Државната новинска агенција на Грција, АНА-МПА, вчера објави реакција во која вели дека двајцата коментатори на натпреварот во неделата со Австрија, постојано зборувале за „националноста и ја нарекувале земјата „Македонија“. Во никој случај тие не зборуваа за „државјанин на Северна Македонија“ во текот на целиот натпревар, ниту го користеа новото име на земјата, „Северна Македонија“, реагира АНА-МПА.
Коментаторот Костовски вели дека Грција и во минатото имала слични реакции, иако во спортот има непишани правила кон кои се придржуваат сите спортски известувачи, настрана што политиката треба да се држи подалеку од спортот.
Тој се присети на спортски настан од кој известувал во далечната 1992 година од фудбалски натпревар за Лига на шампиони меѓу Црвена Ѕвезда со грчкиот Панатенаикос кога нашиот Дарко Панчев дал два гола.
– Тогаш, во грчкиот печат пишуваа дека биле принудени во северниот дел на Грција, да го слушаат „изживувањето на спортскиот коментатор од соседната држава“. Така што Грците отсекогаш реагирале на известувањата од спортските натпревари. Нивната реакција е неспортска – коментира Костовски.
Костовски кој пред две години се закити со награда за животно дело која му ја додели Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и кој целиот свој работен век го мина во Македонската радио телевизија во разовор со Плусинфо се присетува и на тоа како тој и неговите колеги од светот известуваат од спортски натпревари кога играат националните репрезентации.
– Не сум слушал известување од натпревар помеѓу Северна и Јужна Кореја, за да видам како известуваат, ама известување какво што бараат Грците е можно само ако, дај боже, некогаш играат Јужна и Северна Македонија. Е, тогаш за да се разграничи може да се каже Северна Македонија, инаку е само Македонија. Кога во далечната 1967 година известував од натпревар помеѓу Германија и Југославија, јас не велев фудбалерите на Сојузна Република Германија или СФРЈ, туку само Германија и Југославија – се присетува Костовски.
Драган Николовски, уредник на спортската редакција на МТВ за Плусинфо за стрелите на Грците упатени по натпреварот на Македонија со Австрија вели дека македонските известувачи професионално си ја завршиле работата.
– Спортските коментатори и известувачката екипа на МТВ во Букурешт се фокусирани исклучиво на нивната професионална обврска во историскиот момент за македонскиот фудбал – да го пренесат до ТВ публиката сето она што се случува на теренот, на трибините, низ улиците, меѓу навивачката армија присутна во романскиот главен град. Тие се таму затоа што како и репрезентативците, го работат она што најдобро го знаат, уживаат во најголемиот професионален предизвик досега во кариерите и за нив се меродавни реакциите на македонското гледалиште, на македонската фудбалска јавност и на професионалните институции коишто ја регулираат новинарската дејност. Од оваа причина, не коментираме реакции и ставови со политички призвук за работата на нашите коментатори, за да ја избегнеме замката дебатата да продолжи во несакан правец – вели Николовски.
Европската куќа на фудбалот УЕФА, денеска ја одби жалбата на грчкиот министер за спорт Лефтерис Авгенакис кој во протестно писмо до претседателот на УЕФА, Александер Чеферин реагираше за логото на ФФМ кое се наоѓа на дресовите на македонските фудбалери и за кратенката МКД.
УЕФА јасно ѝ кажа на Грција дека акронимот „МКД“ е дел од Преспанскиот договор и дека нема да дозволи европскиот фудбал да стане платформа на која ќе се пренесуваат политички пораки и ќе продолжи да ја штити праксата на неутралност.
Во писмото се посочува дека го следи примерот на другите спортски институции и дека го користи кодот МКД од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО) и дека е во согласност со член 1, параграф 3 од Договорот од Преспа.
УЕФА исто така потенцира дека во службената комуникација го користи терминот „Фудбалска федерација на Северна Македонија“ и дека оваа терминологија е соодветно адаптирана на ЕВРО 2020.