АСОМ ГИ УПЛАТИ ПАРИТЕ ЗА НАСТРАДАНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОВИД ЦЕНТАРОТ ВО ТЕТОВО Црвен крст ќе распредели по 60.000 денари на семејствата

Од Асоцијацијата на обложувалниците во земјава повторно изразија желење за трагедијата и сочувство до семејствата на настраданите во пожарот во ковид центарот во Тетово.

517

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) на средба со Црвениот крст ја официјализираше донацијата за семејствата на настраданите во пожарот во модуларната болница во Тетово. Согласно договорот, на сметката на Црвениот крст веќе се префрлени по 60.000 денари од АСОМ, кои Црвениот крст ќе ги распредели на семејствата на настраданите.

– Ние уште еднаш изразуваме длабоко жалење за трагедијата и сочувство до семејствата на жртвите. Факт е дека ништо не може да ја надомести нивната загуба, затоа што човечкиот живот е ненадоместлив, но веруваме дека во вакви моменти секоја поддрша е добредојдена. Токму од овие причини, Асоцијацијата на спортски обложувалници со сите нејзини членки само два дена по несреќата донесе одлука, како и многу пати до сега, да делува одговорно и да обезбеди помош на оние на кои помошта навистина им е потребна. Најдобриот начин да ја реализираме донацијата беше токму преку нашиот партнер Црвениот рст кој ќе се погрижи паричните средства да стигнат до секое семејство на настраданите во пожарот  – истакнуваат од АСОМ.






Сузана Т. Пауновска, секретар на Црвен крст на град Скопје, рече дека општествената одговорност на компаниите, институциите и организациите во државата во активностите кои ги презема Црвениот Крст за намалување на ранливоста на целните групи, како и поддршка на семејствата во ризик е од исклучителна важност за да се истакнат хуманите вредности и социјалната димензија на нашето општество.

– Во име на нашата организација, но и во име на семејствата во оваа прилика изразуваме благодарност до АСОМ и сите нејзини членки кои ја препознаа потребата од помош и донираа средства за семејствата на настраданите во пожарот во тетовскиот Ковид центар – рече Пауновска.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија е активен чинител во општеството и заедно со своите членки работи одговорно, создава услови за работа и кариера, придонесува во економијата и активно делува на полето на општествената одговорност за поддршка на заедницата.

Поврзани содржини