Асоцијацијата на архитекти бара Богдановиќ да го повлече предлогот на ДУП за Мал ринг 1
Оттаму велат дека во планос се планирани истите објекти од Скопје 2014 кои не биле завршени претходно, а за кои имало потреба од ревизија.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) денеска со остра реакција побара општина Центар да го повлече и преработите Предлог – Детaлниот урбанистички план за градска четврт Ц01 – Мал ринг 1.
– Причината заради која бараме да го повлечете предлог-планот е едноставнa. Во планот се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект „Скопје 2014“ – велат во реакцијата од ААМ.
Од Асоцијацијата додаваат дека во изминатиот период и сега се залагаат за институционална ревизија на проектот „Скопје 2014“ и институционално справување со насилниот чин на промена на централното градско подрачје.
– Но, тоа не го дочекавме. Напротив, со овој предлог план вие давате институционална потврда и реафирмација на изградениот, но што е уште пострашно и на неизградениот дел од проектот „Скопје 2014“. Нашата зачуденост е уште поголема бидејќи на 17 декември 2017 година донесовте одлука, која сѐ уште важи, за мораториум на градба во општината додека сите планови кои сметате дека се лоши не се ревидираат. Новите ревидирани планови ги носите по приоритет, притоа условите за приоритетот по кој се носат плановите никогаш не ѝ беше соопштен на јавноста. Бидејќи овој план е повеќе од 90% реализиран, ААМ подразбира дека приоритет ви е изградба на Споменикот Мајка Тереза (поставен врз ул.Орце Николов), т.н Шпански скали, потврда на додадениот трем на Стоковната куќа НАМА од арх. Славко Брезовски и потврда на статусот на заштита на Спомен куќата на Мајка Тереза и Tриумфалната порта, и со тоа конечно завршување на проектот „Скопје 2014“ – велат од Асоцијацијата на архитекти.
Оттаму додаваат и дека имаат разбирање за деталните планови каде што има комплицирани имотно-правни односи и секогаш се залагале за оптимално решение.
– Но, овде станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака се спорни, поради што сметаме дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот. Јавна презентација на ваквиот планот беше веќе еднш направена кога се презентираше проектот „Скопје 2014“ во 2010 година – велат архитектите.
За овој предлог ДУП општината закажа јавна презентација и јавна анкета за утре во 10.00 часот.