Јас, Ја и Аз се јазичен јаз

Затоа, кога следниот пат некој ќе ви каже „нема македонски јазик“, сетете се: тоа е исто како да му кажеш на Англичанец дека е „малку Французин, малку Германец, и малку Италијанец, но Англичани – нема“. Само што кај нас не е смешно – туку веќе одамна е трагикомично.

189

Не знам дали сте слушнале за Вилијам Освојувачот, па оваа колумна ќе ја почнам со настан од пред 10 века. Во Англија, 1066 година, Норманите доаѓаат, и овој настан иницира појава на три јазици за три категории граѓани на Англија. Еден јазик, за кој може да кажеме дека е најблизок до францускиот, се користи од кралот и администрацијата; црквата, нејзините органи,  литургијата и службите се изведуваат на друг јазик, општопознато – тоа е латинскиот; и третиот јазик е за народот, германска основа, лексика и граматика, формално познат како саксонски јазик.

Од таа чудна комбинација во текот на наредните 300 години произлегол англискиот јазик. И замислете, никому во Париз не му текнува да каже дека Англичаните се Французи. Ниту во Берлин дека Англичаните се Германци. Најмалку пак во Ватикан, или воопшто во Италија дека Англичаните се Латини т.е. „поранешни римјани, дефакто Италијанци“.






За разлика од „научниците“ под Дунав, се чини дека таму сите ја разбираат реалноста: позајмување или користење туѓ збор е сосема нормална историја во која има развој на јазиците. Било кој, сосема нормално ќе ви рече: јазикот е жива материја, се прилагодува на општеството, на приликите, на технологијата или уметноста.

Ајде сега да ја префрлиме приказната дома, на Балканот, каде здравиот разум често оди на одмор, а во нечии „науки“ одамна е отиден зад седум мориња и седум планини. Во смисла на јазична еволуција, Македонија, слично како Англија, доживувала постојани и понекогаш принудни промени. Но, за разлика од Англија со една 1066-та година, кај нас такви пресврти имало повеќепати. Да се обидам хронолошки да издвојам неколку моменти:

Во хеленизмот – Коине за администрацијата, а народот зборува недоволно познат јазик за современата наука, но, со елементи на македонско-илирско-тракискиот континуум, или како што објаснив во една претходна колумна „Сага за народот без трага“ за мене тоа е, шпекулативно или не, примарна форма на јазикот на Словените.

Одиме понатаму. Во Римско време – латински за закони, старогрчки за учените и за трговијата, ист или сличен со претходно за народот. Во Византија – црквата на старогрчки, а по Кирил и Методиј – на словенски. Под Турците – власт на турски, црква на грчки и словенски, народ на своите дијалекти. Со доаѓањето на Турците, се појавува и служба во друга верска институција – во која се користи – форма на арапски јазик. Деветнаесеттиот век додава бугарски и српски, секој со својата „просветна мисија“. И така сè до 1944, кога македонскиот од народен, говорен јазик, станува и официјален, и црковен.

Секогаш истиот „јазичен јаз“ – тројка од јазик на власта, јазик на религиите, јазик на народот. Наместо француски–латински–англосаксонски, ние сме имале коине, грчки, латински, старословенски, турски, арапски, српски и бугарски. Па можеби и нешто пропуштам. Слоеви како во геолошки пресек. И наместо да биде предмет на научна љубопитност, оваа сложена историја денес се користи за политички акробации од кои некои заличуваат на „салто-мортале“, но генерално сите се површни и благо речено – ненаучни.

Паралелата е: Англичаните никој не ги негира – иако англискиот има повеќе француски и германски зборови отколку што ние имаме бугарски, грчки или српски. Но Македонците мора постојано да слушаат: „вие сте Бугари“, „вие сте Грци“, „вие сте Срби“. Секој со својата приказна. Бугарите со неуморната бајка дека сме „заблудени Бугари“. Грците со митот дека сме „некакви Грци од периферијата“. Србите со тивкото тврдење дека сме „јужни Срби“.

Ако со Грците заради големата јазична дискрепанција нè издвојува јасно, Србија, се чини како да го заборава тој наратив, со мал исклучок на избегани од реалноста – во Бугарија тоа е официјална политика. Тоа се учи, се дискутира, се елаборира… Срам божји! А ако ја вратиме топката во нивниот двор, што би добиле?

Кога старо-бугарските племиња дошле на Балканот, и тие имале сопствен „јазичен јаз“. Династијата и воената елита зборувале алтајски јазик – турански, јазик што нема врска со Словенското население. Црквата – грчки, подоцна старословенски. На крајот што се случило? Алтајскиот јазик исчезнал оставајќи траги во современиот бугарски, старословенскиот, малку изменет станал народен, а старословенскиот – црковен, со ново име – „старобугарски“, иако нема врска со алтајскиот јазик кој е навистина старобугарски. Од „старите Бугари“ останало само името. Значи – според нивната „логика“, што се Бугарите? Граѓани на Атлантида со потекло од соѕвездието Орион… Да не се чудите, има две издадени книги на оваа тема.

Вистината е многу едноставна. Јазичната заемка не е доказ за етничко потекло. Таа е доказ за историја на контакт, владеење и културна доминација. Македонскиот јазик – со своите грцизми, латинизми, турцизми и црковнословенизми – е жива архива на еден народ што преживеал повеќе „1066-ти години“ од Англичаните. Јазикот се развивал, еволуирал, и денес вие читате колумна на тој јазик.

Затоа, кога следниот пат некој ќе ви каже „нема македонски јазик“, сетете се: тоа е исто како да му кажеш на Англичанец дека е „малку Французин, малку Германец, и малку Италијанец, но Англичани – нема“. Само што кај нас не е смешно – туку веќе одамна е трагикомично.

Поврзани содржини