Арсовски: Заеви со нивните бизниси стојат зад зголемувањето на цената на струјата
ВМРО-ДПМНЕ има индиции дека се направени злоупотреби преку договорите склучувани од страна на универзалниот снабдувач со приватни компании, кои испумпуваат големи суми на пари. Овие компании се блиски пријатели или на семејството Заеви.
Зголемувањето на цената на струјата е уште еден бонбона бизнис за семејството Заеви. Зад згоелмувањето на цената на струјата отворено се сомневаме дека стојат бизнис интереси на семејството Заеви, тврди ВМРО-ДПМНЕ која презентира документи за договори на универзалниот снабдувач со електрична енергија и агенција за обезбедување со струмички газда кој е дел од семејството Заеви.
– Индициите за злоупотреби се во договорите склучувани од страна на универзалниот снабдувач со приватни компании, кои испумпуваат големи суми на пари. А, тие компании имаме причина, реална причина, да веруваме и да се сомневаме дека се тесно поврзани со семејството Заеви. Компанија која е универзален снабдувач склучила договор за обезбедување со агенција, чиј сопственик е од Струмица. Истите сопственици на оваа агенција за обезбедување преку семејството партиципираат и во бизнисот со марихуана, бизнис кој им беше дадена лиценца директно од Владата на Зоран Заев и СДСМ. Дали на универзалниот снабдувач му се дава висок профит, за преку приватни компании кои влечат корени од Струмица, истите пари да се вадат на приватни сметки и да се слеваат во семејството Заеви?! – образложи на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Според наодите на ВМРО-ДПМНЕ, Агенцијата за обезбедување, чиј газда е од Струмица, со универзалниот снабдувач на електрична енергија склучил договори вредни близу 17 милиони евра.
– Значи само за обезбедување оваа струмичка компанија земала околу 17 милиони евра од универзалниот снабдувач, према кој граѓаните плаќаат повисока цена на струја, благодарение на СДСМ и Заеви – рече Арсовски.
Тој презентира податоци за четири договори на универзалниот снабдувач со Агенцијата за обезбедување со струмички газда.
– Првиот е склучен на 16.03.2018 година во вредност од 50,9 милиони денари и е со назнака за набавка на услуги за управување со мониторинг центар. Вториот договор е склучен месец и половина подоцна, односно на 30.04.2018 година со вкупна вредност од 109.8 милиони денари и е за извршување на услуги за обезбедување. Третиот оглас кој го склучил универзалниот снабдувач со оваа приватна компанија за обезбедување е склучен на 22.02.2019 година во вредност од 153,4 милиони денари, и исто така е за извршување на услуги за обезбедување. Соработката помеѓу овие две компании продолжува и на 28.06.2019 година универзалниот снабдувач со електрична енергија го склучува најголемиот од четирите договори во вкупна вредност од 714,1 милион денари. Тоа се вкупно 1,27 милијарди денари или 16,7 милиони евра, близу 17 милиони евра, пари кои одат од граѓаните кои плаќаат струја – рече Арсовски.
Тој појасни дека бројките не се производ на некој паушални тврдења, туку факти кои произлегуваат од јавно објавените податоци на веб страната на Бирото за јавни набавки.
Арсовски упати неколку прашања до лидерот на СДСМ Зоран Заев и СДСМ:
– Дали заради ова сега СДСМ преку РКЕ побара поскапување на цената на струјата?! А, за жал, државната МЕПСО со потценувачки тон ги навредува граѓаните и нивната интелигенција кои побараа поништување на зголемувањето на цената на струјата!Дали начинот на кој работи оваа агенција е начинот на кој се богатат лица блиски до власта, односно семејството Заеви?!Дали покачувањето на цената на струјата е последица на бизнис интересите на Заеви со кој се овозможува екстра профит за универзалниот снабдувач и пари за приватна компанија чиј газда е со потекло од Струмица?Дали преку овие испумпани пари од приватни компании, за кои граѓаните плаќаат повисока струја и повисоки сметки, Зоран Заев и СДСМ го вршеа масовниот поткуп на граѓани?
Тој најави детали кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги презентира наредните неколку денови.