Арсовски: Власта дала над 300.000 евра на фирмите Имиџ ПР и Идеа плус во сопственост на поранешна пратеничка од коалицијата
За портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ сулудо е да се трошат пари за организирање настани кога со уредба тие се забранети.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска обвини дека Владата дала 300.000 евра на пиар агенции на поранешна пратеничка од редовите на ЛДП. Агенциите ги добиле парите на тендер за организирање на настани во време на пандемијата со коронавирус кога со уредба тие беа забранети.
– Замислете, уште еден скандал со огромна сума на пари потрошени во корона пандемија, кој што јасно го отсликува лудилото на власта.Имено, власта за само 2 години дала преку тендери над 300.000 евра на поранешен пратеник од нивен коалиционен партнер, а се работи за фирмите Имиџ ПР и Идеа плус, фирми кои се занимаваат со ПР и маркетинг, а се на една иста личност, односно поранешна пратеничка од редовите на ЛДП – вели Арсовски .
Според него, сулудо е да се даде над 300.000 евра за маркетинг и ПР за само 2 години, од кои огромен дел од парите се дадени само во 2020 година за организирање настани.
– Внимавајте, во година кога имаме корона пандемија и има забрана за организирање и групирање на било какви настани. Очигледно на СДСМ и на власта најлесно им е да се испумпува пари преку маркетинг и ПР услуги, а само од тендерите на овие 2 фирми и тендерите на советникот од СДСМ од Град Скопје Бојан Ивановиќ „Бригада Дизајн“ кој доби од фондот за иновации над половина милион евра одат на конто на овие фирми и никој не знае потоа дали и каде завршуваат.Власта на учениците не може да им набави лап топи и таблети, но затоа фирмите блиски до СДСМ на свое конто товараат народски кажано милиони евра – вели Арсовски.
Тој заклучува дека дека на ваков начин преку сомнителни тендери СДСМ ги троши парите на граѓаните кои што тонат во сиромаштија.