Арсовски: Поднесовме претставка до Насер Зибери за случајот со судијата-поротник
Уште еднаш бараме итно барање односно пуштање иницијатива од страна на Иван Џолев до Републичкиот судски совет за прекин на мандатот на Митко Сандев, судијата поротник, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска како ВМРО-ДПМНЕ поднесовме претставка до господинот Насер Зибери, којшто е народен правобранител. Претставката е за непочитување на Законот за судови од страна на Основниот кривичен суд, конкретно од претседателот на судот Иван Џолев, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
– И бараме итно постапување за да се увиди зошто не се почитуваат законите од страна на Иван Џолев. Како што знаете, вчера поднесовме претставка и барање за утврдување судир на интереси до Антикорупциската комисија за судијата поротник Митко Сандев, денеска претставка до Народниот правобранител. Во прилог доставивме и преглед од статутарна комисија каде што членува господинот Митко Сандев во политичка партија. Доставивме и докази, практично дека има навршени 60 години и треба да му биде прекинат мандатот како судија поротник и за тоа денеска сме тука и побаравме и итно постапување од страна на господинот Насер Зибери. И повеќе од јасно е дека се води политичка хајка против ВМРО-ДПМНЕ со непостапувањето од страна на господинот Иван Џолев како претседател на судот. И повеќе од јасно е дека ова се се прави свесно за терор врз ВМРО-ДПМНЕ со ова непочитување на Законите – истакна Арсовски.
Законот е јасен, додаде тој, со навршени 60 години судија поротник не може повеќе да ја обавува таа функција, но и судија поротник којшто членува во политичка партија не може да одлучува непристрасно односно може да одлучува пристрасно, и за тоа не треба и не смее да членува во политичка партија.
– Уште еднаш бараме итно барање односно пуштање иницијатива од страна на Иван Џолев до Републичкиот судски совет за прекин на мандатот на Митко Сандев, судијата поротник. Доколку не се случи тоа, дадовме рок до утре за поднесување на кривични пријави. Денеска практично е последниот ден кога има рок од нас за да поднесе иницијатива, доколку не ја поднесе ќе бидат поднесени кривични пријави до Јавното обвинителство за непочитување на Законот – посочи Арсовски.