Дали Јавното обвинителство и Комисијата за спречување корупција имаат намера да отворат случај за двете доделени лиценци за производство на медицински канабис од страна на владата во време на вонредна состојба, праша денеска Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.
– СДСМ четврти ден молчи за скандалозното доделување на лиценци на фирми на блиски луѓе до Зоран и Вице Заеви. Молкот значи дека се фатени живи во корумпираност и криминал. Сомнежите за штетното работење на Владата на СДСМ го потврдуваат со молкот, односно 4 дена молчат и не објаснуваат ништо во врска со овие две лиценци кои што ги доделиле во време на вонредна состојба – рече Арсовски.
Тој потсети дека во фирмата „Еко Енерџи-Космос“ управител е синот на градоначалникот од Ново Село, близок до Заеви, кој, како што рече, „шверцувал цигари и бил фатен и спасен воедно од фамилијата Заеви, а еден од сопствениците на оваа фирма е Христијан Котев, син на претседателот на СДСМ Ново Село Тони Котев“.
– Во другата фирма која што ја доби лиценцата, исто така, за одгледување на марихуана од страна на владата предводена од СДСМ и од Заеви пред 5 дена „Лајтинг лукс“, сопственик и управител е Славица Котева, инаку братучетка на претседателот на СДСМ Ново Село и тетка на сопственикот на другата фирма која што доби лиценца, Христијан Котев – додаде Арсовски.