Уште ќе молчите или ќе одговорите дали комбето во кое е фатена дрогата вчера е на фирма поврзана со Трајче Заев и Бобан Заев?, прашува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
– Кратко и јасно ДА или НЕ? Не боли одговорот, ама значи десетина години затвор – напиша Арсовски на Фејсбук.
Акцијата во која беше фатена дрогата вчера беше спроведена со поддршка на Американската служба за борба против дрога – ДЕА.
На патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на с.Раец биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Лицата се лишени од слобода и од извршеното вештачење на пронајдената дрога е утврдено дека станува збор за марихуана во вкупна количина од околу 200 килограми.
При извршен претрес кај А.У. во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели. При претрес кај М.З. во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај К.С. во Прилеп, полициски службеник. При претресот кај Д.Ј. од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства,а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај М.С. во Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат.