Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје, вечерва се сретна со граѓаните на Општина Бутел, каде зборуваше за потребите на оваа општина и за бројните проблеми кои со години се игнорирани. Таа од Бутел порача дека е дојдено времето вистинските професионалци да ја земат работата во свои раце за конечно решавање на децениските проблеми на скопјани.
– Неработниците заминуваат, затоа што за нив не се важни граѓаните на Скопје, важни се само нивните политички кариери. Доаѓа време на брзи решенија. Сега е време за професионалците. За менаџерите. За чесните луѓе кои работат. Не можеме да чекаме уште четири години некој да му ја краде иднината на Скопје. Време е ароганцијата и мрзеливоста да ги замениме со посветеност и ентузијазам. Затоа администрацијата во градот Скопје и јавните претпријатија уште првиот ден ќе добијат налог да ги утврдат сите конкретните проблеми, слабости и недостатоци и за нив да се дадат решенија – потенцираше Арсовска.
Таа ги најави главните стратешки проекти за Бутел, проекти засновани на практични, брзи и сигурни решенија што ќе го направат Скопје подобро место за живеење, град каков што заслужуваме сите ние.
– Мојата визија е Скопје да биде европска метропола. Тоа е Скопје што го сакам, тоа е Скопје што го заслужуваме. Повеќе нема да има заборавени населби. Не смее се уште да газиме кал по улиците во Бутел во 21виот век. За овие решавање на овие проблеми нема да чекаме 4 години. Мој стратешки проект е нова внатрешна обиколница во Гази Баба и Бутел. Ова ново решение, реализирано со поддршка од централните институции, ќе има карактер на внатрешна обиколница и ќе овозможи побрзо и посигурно поврзување на општина Гази Баба со Бутел и Чаир. Во програмата предвидуваме и нови велосипедски патеки од Бутел преку Чаир кон Центар, нови автобуски линии и автобуски станици во секое населено место, чистење на дивите депонии како таа тука во Бутел, нова противпожарна станица во општина Бутел со капацитет за пет противпожарни возила, нови паркови и зелени површини, нов паметен систем на функционирање на Скопје. Едноставно – град без корупција. Град кој нуди решенија – истакна Арсовска во нејзиното обраќање до граѓаните на Бутел.
На средбата Арсовска пред бутелчани зборуваше и за сегашната состојба на градот, за бројните проблеми, лошото менаџирање и што може да се направи, осврнувајќи се на скандалозните финансирања кои ги прави Град Скопје, наместо парите да се трошат за проекти кои ќе овозможат подобар живот за сите скопјани.