„АРСОВСКА СЕКОЈ ДЕН ПРАВИ ШОУ, А НИШТО НЕ ПРЕЗЕМА“ Николоски ја разоткри скопската градоначалничка
Министерот Николоски вели дека Арсовска е надлежна е за дивоградбите, но не поднесува пријави, ниту руши.
Министерот за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање, попладнево порача дека министерството има надлежност само за градби од А категорија, а за сите објекти за кои секојдневно зборува градоначалничката Данела Арсовска е одговорен Град Скопје.
– Сакаме да ја информираме јавноста дека целосна надлежност за тие објекти има градоначалникот на Град Скопје, преку градежната инспекција. Наместо спектакли и настапи во медиумите, нека излезат со инспекција и нека утврдат дали објектите се дивоградби – рече Николоски.
Тој додаде дека ако се утврди дека станува збор за бесправна градба, Градот има право и обврска да постапи – да распише тендер за рушење, а трошоците да ги сноси инвеститорот, како и да поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство. Доколку се утврди дека објектите се градени на државно земјиште, имотот може да се конфискува.
– Ништо од ова досега не е направено од страна на градоначалничката Арсовска. Наместо постапување според закон, секојдневно се гледаат спектакли во јавноста, без правни дејствија. Тоа нè води до други заклучоци – дали позадината е политичка и дали се работи за релации со функционери од ДУИ – праша Николоски.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во нејзиниот стил, со многу навреди реагираше на изјавата на министерот Николоски. Таа го прозва дека или не го знае законот или свесно манипулира со јавноста.
„Град Скопје, согласно закон, е единствена од 81 општина што нема градежна инспекција. Така е утврдено со закон. И тоа одамна. Наместо да манипулира, министерот Николоски нека се информира. Надлежен за постапување е Државниот инспекторат за градежништво, кој е под ингеренции токму на министерството со кое раководи Николоски“, рече Арсовска.
Градоначалничката потсети дека Министерството за внатрешни работи веќе поднело кривични пријави за дивоградби во Делчево и во Македонска Каменица, што според неа е доказ дека системот може да функционира, но не и во Скопје.