„АРСОВСКА ГИ ФРЛА ПАРИТЕ НА СКОПЈАНИ ПО СУДОВИ“ Градоначалничката им должи 157.500 евра на советниците
Според информациите до кои дојде Плусинфо, ниту еден од градските советници нема добиено пари за седум месеци во висина од една просечна плата или околу 500 евра. Па поради тоа Градот на 45 советници треба да им исплати вкупно 157.500 евра.
Градот Скопје и градоначалничката Данела Арсовска им должат 157.500 евра на советниците во Советот на Град Скопје, пари кои треба законски да ги добијат како надомест за извршувањето на нивната функција.
Дел од советниците за Плусинфо потврдија дека ќе бараат долгот да им биде исплатен по судски пат.
– Градоначалничката Арсовска уште еднаш покажа дека воопшто не ѝ е грижа за што се трошат парите на граѓаните. Наместо да го реши проблемот, доколку го има, таа дозволува ние преку суд да си ги бараме парите. Уште еднаш го потврдува нејзиното несериозно однесување, бидејќи покрај тоа што ќе треба да ни го исплати долгот, таа ќе мора за судски трошоци да плати дополнителни 10 проценти од сумата. Ете така таа се грижи за парите на скопјани, ги расфрла по судови, наместо да ги вложи во некој проект – ни рекоа дел од советниците со коишто разговаравме на последната вонредна седница на Советот на Град Скопје која се одржа завчера.
Според информациите до кои дојде Плусинфо, ниту еден од градските советници нема добиено пари за седум месеци во висина од една просечна плата или околу 500 евра. Па поради тоа Градот на 45 советници треба да им исплати вкупно 157.500 евра.
Токму на последната вонредна седница на Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска го обвини претседателот на Советот Трајко Славески дека фалсификувал потписи и дека затоа советниците ги немаат добиено паушалите веќе 7 месеци.
– Паушалите ги немате земено бидејќи постои сомневање дека вашиот претседател на Советот фалсификувал потписи. Ние, затоа што сакате да се заканувате со разни постапки, исто така ќе иницираме постапка, но ќе ви овозможиме да ги земете парите – рече Арсовска од говорницата.
Таа посочи дека кривично ќе одговара оној кој му овозможил на друг да зема пари од Град Скопје со фалсификат.
На ова Славески ѝ се закани на Арсовска дека за тоа што го кажала ќе одговара пред суд.
– Вие изнесовте тешко обвинување за фалсификат. Јас ги имам сите списоци и со знаење на сите тука, како и на службите, две дами, едната поради патолошка бременост, а другата болна од канцер, им беше овозможено во неколку седници да се вклучат онлајн. За да се евидентира нивното присуство, и покрај тоа што е онлајн, јас имам потпишано дека се присутни. Јас не може да го фалсификувам мојот потпис – ѝ одговори Славески на Арсовска.
Градоначалничката Арсовска од говорницата во салата им порача на советниците дека тие ќе ги земат нивните паушали за седумте месеци, но не им прецизираше кога точно.