„АРСОВСКА ОДРАБОТУВА ЗА СДСМ И ЗА ДУИ“ Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Катастарот не носи или брише акти по своја волја
Агенцијата за катастар согласно законските надлежности само гледа дали решението е доставено од надлежен орган, дали има печат за правосилност и потпис од овластеното лице. Катастарот врз основа на овие параметри врши упис, а за веродостојноста на решението за легализација одговара општината, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Освен тоа што покажаа дека Данела Арсовска работи за СДСМ и за ДУИ, покажаа и колку се правно неписмени во обидот да направат политика и да ја оправдаат елементарната непогода, Данела Арсовска. Агенцијата за катастар не донесува или брише конкретни акти по сопствена одлука туку врз основа на барање на корисниците на услугите на Агенцијата“.
Вака реагира ВМРО-ДПМНЕ за тврдењата на градоначалничката на Скопје за бесправно градење во општина Чаир.
„Агенцијата за катастар на недвижнини постапила согласно Закон и за тоа била обврзана, во спротивно би го прекршила законот. Имено согласно Законот за катастар Агенцијата врши упис и брише упис по правен основ. Во конкретниот случај, тоа е решение за легализација кое го има доставено општината Чаир. Агенцијата за катастар согласно законските надлежности само гледа дали решението е доставено од надлежен орган, дали има печат за правосилност и потпис од овластеното лице. Катастарот врз основа на овие параметри врши упис, а за веродостојноста на решението за легализација одговара општината.
Општината Чаир има доставено во Агенцијата за катастар решение за поништување на легализацијата. Од Управата им било побарано да достават платена административна такса и потоа легализацијата е избришана.
Повторуваме Агенцијата за катастар не носи решенија за бришење, туку постапува по конкретни акти на корисници во случајот општина Чаир.
Да се остават на страна драмите на СДСМ, за некакви инсајдери, доушници, свиркачи. Љубица Јанчева не ја откри Америка, туку потребно е да ги научи правните прописи по кои работат институциите“.