АРСОВСКА НАЈАВУВА РАДИКАЛИЗАЦИЈА Ковачевски ќе се сретне со градоначалниците, но бара да бидат одговорни со трошоците

Општините исто како и Влада треба да бидат одговорни во намалувањето на тековните трошоци и во зголемувањето на трошоците кои се однесуваат на справувањето со енергетската криза. Според него по примерот на државниот буџет, и општините требало да предвидат ставка за справување со кризата.

734

Премиерот Димитар Ковачевски ќе се сретне со претставници на ЗЕЛС откако тие побараа помош за решавање на проблемите со енергетската криза но претходно им порача самите да помогнат во изнаоѓање решенија.

Според него по примерот на државниот буџет, и општините требало да предвидат ставка за справување со кризата.






– Општините исто како и владата треба да бидат одговорни во намалувањето на тековните трошоци и во зголемувањето на трошоците кои се однесуваат на справувањето со енергетската криза. Доколку донесат планови во кои е содржано справување на енергетска криза и намалување на ставки кои не се неопходни во овој период, број еден, и број два ако го зголемуваат оперативното работење, тогаш ние ќе седнеме и сè што е дадено од општините, државата ќе помогне – вели Ковачевски.

Во изјавата, премиерот Ковачевски го посочи примерот на топлификацијата во Скопје, комунална услуга којашто градот Скопје ја обезбедува за граѓаните, каде владата му посочи на Градот дека со 500.000 евра учество ќе можеше да придонесе во непречено снабдување на граѓаните со топлинска енергија. По одбивањето на градот Скопје да придонесе, владата го прифати целиот товар и овозможи непречено снабдување со топлинска енергија.

Од ЗЕЛС предупредија дека општините и јавните претпријатија се пред колапс и ако нема помош од владата нема да можат да си ги плаќаат сметките за струја поради тоа што повеќекратно се зголемени од почетокот на енергетската криза. Сите 22-ца градоначалници во раководството на ЗЕЛС според првиот човек и градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, ќе можност да образложат зошто е неопходно да добијат помош, а со тоа да ја убедат владата да им излезе во пресрет.

– По овој состанок ние ќе излеземе со ставовите, но генерално заклучоците кои ги имавме последната седница на управниот одбор на ЗЕЛС, со тоа што прво беше да го побараме овој состанок со цел да ги изнесеме своите аргументи, а второ доколку истите не бидат прифатени односно не бидат сослушани, дека целиот овој процес којшто го најавивме ќе се радикализира, затоа што, веруваме дека треба пред сè треба да им се помогне на граѓаните коишто се во локалната самоуправа, а не да им се помага на локалните самоуправи бидејќи тие како такви постојат единствено за граѓаните – вели Арсовска за Алфа.

Градоначалникот на скопската општина Ѓорче Петров вели дека наместо како досега одвојуваните 37 милиони, годинава за струја ќе треба да одвојат околу 60 милиони денари или околу еден милион евра.

– Изостанува поддршката од централната власт. Вчера управниот одбор на ЗЕЛС имаше средба и бараме директна средба со владата. Ова генерално ќе ни се одрази не само во сметките за електрична енергија, енергенси и гас, а дополнително ни ги намалуваат дотациите – вели Стојкоски за Канал 5.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак ја обвини централната власт дека поради поразот на локалните избори ги намалила дотациите кон општините во услови на енергетска криза. Според него од 2018 до 2021 година дотациите од централниот буџет до секоја општина растеле, некогаш и за 34 милиони евра, за разлика од годинава кога се намалени од 316 на 312 милиони евра.

Поврзани содржини