АРСОВСКА И КОСТОВСКИ СЕ СКАРАА ЗА УЛИЦА Таткото на Бутел објави статус на Фејсбук, мајката на Скопје го обвини дека се кити со туѓи перја

Започна ремонтот на Радишанска од трет влез до последна 57. Мило ми е што почна да се реализира проектот за кој лично се залагав пред изборите, но уште повеќе по изборите, напиша градоначалникот Дарко Костовски.

998

Град Скопје жестоко го нападна градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, бидејќи утрово на социјалните мрежи тој се пофалил дека продолжува со градежната офанзива и дека ја започнал реконструкцијата на улицата Радишанска.

„Вистинска срамота е кога функционер избран на непосредни избори од граѓаните, а во случајов од сопствените соседи, наместо реални проекти кои произлегуваат од сопствената програма, се кити со туѓи перја и лаже дека реализира свој, кога впрочем станува збор за туѓ проект“, велат од Град Скопје.






Оттаму истакнуваат дека улицата Радишанска е проект кој во целост се реализира од градот Скопје – од проектирање, преку финансирање, до реализација.

„Општина Бутел, а уште помалку градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, има било каков придонес во овој проект. Срамно е ваквото лажење на сопствените граѓани и соседи кои својата доверба ја дале на човек кој не е способен да реализира свои проекти, па мора да лаже дека реализира ветување за проект во кој тој нема никаква допирна точка. Улицата Радишанска е градска улица, што дополнително ја прави објавата на Костовски манипулативна, особено бидејќи покажува колку тој не ја познава својата работа и ингеренции. Оваа улица е дел од проектот ‘Скопје без заборавени населби’ од програмата ‘За Модерно Скопје’“, се вели во реакцијата.

Како што истакнуваат од Градот, тие продолжуваат во континуитет ги реализираат проектите од програмата избрана од граѓаните, која содржи клучни барања за подобрување на градската инфраструктура.

„Со исполнување на ветувањето за целосна реконструкција на една од најважните сообраќајници под надлежност на Град Скопје во општината Бутел, улицата Радишанска се обновува во должина од 1.100 метри. Го реконструираме коловозот на улицата на површина од 7.363 метри квадратни, рабниците и тротоарите, а граѓаните од овој дел на градот, ќе добијат соодветно партерно уредување и реконструкција на последната автобуска постојка на линијата број 57“, се вели во соопштението.

Инаку градоначаникот Костовски на својот Фејсбук профил објави дека Oпштина Бутел продолжува со градежната офанзива и дека денеска е започната реконструкцијата на улицата Радишанска.

„Почна ремонтот на Радишанска од трет влез до последна 57. Мило ми е што почна да се реализира проектот за кој лично се залагав пред изборите, но уште повеќе по изборите“, напиша градоначалникот Дарко Костовски.

Поврзани содржини