АРСОВСКА ГО ВРАТИ ЌОСЕТО Споменикот на ликвидаторот со кама в рака е поставен ноќе

Контроверзниот споменик од пред комплексот судови го отстрани поранешниот градоначалник Петре Шилегов во февруари 2018 година, бидејќи бил дивоградба. Споменикот на Ќосето беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалник беше Коце Трајановски.

4,973

Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953) со кама в рака, познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил и брата си, повторно е вратен во Скопје.

Утрово Град Скопје во кусо соопштение без детали информира дека споменикот на Ќосето повторно е поставен.






„Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија“, соопшти утрово Град Скопје.

Како што може да види од фотографиите, споменикот е поставуван ноќе. Споменикот е поставен на кружниот тек кај хотелот „Континентал“, каде е изграден нов бетонски постамент, на кој е поставена скулптурата на Ќосето, прикажан со кама во рака.

„Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во 2023 година почна постапка да го врати споменикот на Андон Лазов-Ќосето кој беше поставен пред комплексот судови во Скопје. Таа бараше споменикот да биде поставен на нова локација кај хотелот „Континентал“ односно на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и булеварот Беласица, североисточно од кружниот тек.

„Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана. Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да се оддолжиме на луѓето кои го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија, да ги паметиме и чествуваме хероите од кои ниту еден не смее да биде заборавен“, напиша Арсовска на својот профил на Фејсбук во 2023 година.

Фото: Град Скопје

Контроверзниот споменик од пред комплексот судови го отстрани поранешниот градоначалник Петре Шилегов во февруари 2018 година, бидејќи бил дивоградба. Шилегов тогаш кажа дека градежниот инспекторат на Општина Центар извршил увид на фактичката состојба и утврдил дека инвеститорот Град Скопје нема решение за поставување на овој споменик. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје.

Споменикот на Ќосето беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалник беше Коце Трајановски.

Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

Арсовска, неколку месеци по стапување на функцијата, кажа дека ќе го враќа споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето. Одлуката за враќање на споменикот беше донесена од Советот на Град Скопје во декември 2023 година.

 

Поврзани содржини