„Арс Ламина“ го одбележа роденденот на Петре М. Андреевски

Наместо цвеќе, како роденденски подарок му ги донесовме најновите изданија на неговите дела, реанимирани со цртежите од неговата внука, уметницата Воскресија Андреевска.

455

„Арс Ламина – публикации“ неодамна реобјави дела од Петре М. Андреевски, а по повод неговиот роденден, 25 јуни, тимот на издавачката куќа го посети и неговото родно место Слоештица и му оддаде почит.

– Наместо цвеќе, како роденденски подарок му ги донесовме најновите изданија на неговите дела, реанимирани со цртежите од неговата внука, уметницата Воскресија Андреевска и сработени со посебна почит како што зограф создава нечиј свет лик. И токму таму, се заветивме дека ќе го чуваме од заборав, ликот и делото на неговото величие – Петре М. Андреевски – велат од тимот на „Арс Ламина“, кои ја посетија Слоештица за роденденот на книжевниот великан.






Освен во сите книжарници „Литература.мк“, книгите можат да се купат и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk, а исто така ќе бидат достапни и во сите продажни места на весникот „Слободен печат“. Периодов во продажба се најдоа: првите две изданија од едицијата, романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, потоа (во едно издание) незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирката песни „Јазли“ и стихозбирката „Лакримариј“.

Од вчера заедно со весникот „Слободен печат“ можат да се купат и романот „Последните селани“ и стихозбирката „Дални наковални“, а во периодот што следува, ќе бидат достапни во продажба и останатите дела: романот „Скакулци“ и стихозбирките „И на небо и на земја“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и поетската збирка за деца „Шарам барам“.

Од издавачката куќа најавуваат и проширување на едицијата „Македонски книжевни класици“ со нови дела од македонски писатели кои ги афирмирале македонскиот јазик и македонската книжевност и со нивните творби и нивната дејност нè задолжиле да го сочуваме создаденото и да ја продолжиме нивната мисија.

Поврзани содржини