Аргументот на камата

Андон Ќосето, драги мои, не бил „револуционер“! Немал ни грам школо, ни ќора идеја во главата! Тој бил егзекутор на тајната организација ВМРО, џелат што ги извршувал нарачките за убиства и при тоа убивал и од задоволство, без наредба. (РЕПРИНТ)

4,741

Гледам јас, колава наша ќе се скрши на Андон Ќосето. Ги чувствувам околу вратот неговиот налутен поглед и острицата на камата и веќе се колебам – да не претеравме малку?

Нацијата што во себе гордо го носи генот на Ќосето и на Александровите генерали и другарчиња (децата ги учат нивните имиња и недела на училиште), тргнала во енергична одбрана на „револуционерот“, чија задача, нели, не била да бере полско цвеќе, туку да убива. Сега, велат денешниве потомци на „револуционерот“, баш сега, кога конечно дошол редот Ќосето да добие споменик – но не било каде, туку токму пред зградата на Судската палата, како симбол на нашата кољачка правда – се нашле неколку новинари, кои не си ја знаат историјата (на пример, не знаат дека Тито ги „признал“ Македонците од страв од ВМРО!) и фрлаат дрва и камења по човекот.






Срамота, велат, и нè „касапат“ на Фејсбук, со иста ревносност и убеденост дека прават добри дела, со кои Ќосето го убил брата си и во една прилика потаманил цело едно село. А јас, да бидам искрен, веќе и не знам што да кажам во самоодбрана.

Да можеше да се бара некаква логика во ова лудило и да се стави некаков ред во овој хаос, ќе речев, на пример, вака – ако морало да никне нечиј споменик пред Судската палата во Скопје, ред било тоа да биде споменик на Петре Пирузе, првиот повереник (министер) за судство во Президиумот на АСНОМ. Човекот имал завршено факултет, ете не бил „комуњар“ (тоа е важен критериум, нели), плус лежел на Голи Оток, оти застанал на страната на Информбирото кога не требало.

Ама, не вреди да се убедуваме, нели, што може зборот пред аргументот на камата?

Сеедно, ќе ви треснам в лице, ако за ништо друго, тогаш за инает – тој ваш Андон Ќосето, драги мои, не бил „револуционер“! Немал ни грам школо, ни ќора идеја во главата! Тој бил егзекутор на тајната организација ВМРО, џелат што ги извршувал нарачките за убиства и при тоа убивал и од задоволство, без наредба, бодигард повремено ангажиран да биде ескорт на големите македонски „револуционери“. Знаете ли некоја земја во која е изграден споменик на џелат и бодигард?

Но, од друга страна, кога ќе погледнам кој сè во Скопјево доби споменик, се трудам да ги разберам реакциите и изливите на одбрана на ликот и неделото на новата вмровска икона. Судејќи според сликата што оваа власт сака да ја создаде за себе и за нас, излегува дека ние, Македонците, сме највоинствената нација на светот и дека овој народ, во својата вековна историја, немал лекари, поети, архитекти, сликари и творци, туку само војсководци, комити, ајдуци и џелати.

Одамна изгубив волја да објаснувам дека таа слика е грда и лажна. Многу луѓе, едноставно, сакаат да веруваат дека копјата и штитовите, сабји и мечовите, камите и пиштолите, коњите и лавовите, сите тие револуционерни аксесоари се артефакти на една голема и освојувачка нација, која, ако не беа тоа комунистите залудени од Тито и компанија, денес ќе владееше со половина од светот. Другата половина ќе беше на Путин, нормално.

 

(Објавено на 11 септември, 2014 година)

Поврзани содржини
na