Јаревски: Да беше ВМРО-ДПМНЕ на власт клучката кај Момин Поток одамна ќе беше направена
Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Карпош вели дека Богоев не го направил ниту паркот во општина Карпош кој беше планиран зад хотелот „Александар Палас“.
Стефан Богоев исто како и Петре Шилегов преспа четири години коментира Тони Јаревски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Карпош по најавата дека клучката кај Момин Поток ќе почне да се гради.
– Клучката кај Момин поток, чија изградба денес беше најавена, да беше ВМРО-ДПМНЕ на власт одамна ќе беше во функција. Општинските и градски власти од ВМРО-ДПМНЕ оставија целосна документација, и доколку Шилегов не беше таков неработник до сега ќе користевме готова клучка и кружен тек.Сега имаме нецелосно сообраќајно решение што претставува тесно грло и имајќи го предвид нивниот капацитет, дополнително ќе влијае на сообраќајниот хаос во следните неколку години во овој дел од Општина Карпош и Градот Скопје. Доколку биде оставено на нив години ќе минат додека овој зафат биде реализиран, но затоа пак уште до крајот на оваа година ќе привршат огромните зградурини деновиве што никнуваат покрај булеварот Илинден – вели Јаревски.
Тој ги наведе и другите проeкети кои ги најави сегашниот градоначалник на Карпош.
– Во 2017 година, Богоев и Шилегов како капитална инвестиција ветуваа продолжување на булеварот Илинден со мост преку Вардар кон Ѓорче Петров, со тоа општина Карпош ќе добиеше директно приклучување на скопската обиколница и во значителна мера ќе се растеретеше сообраќајот во овој дел од градот. Четири години подоцна ниту мост има, ниту булеварот Илинден е продолжен – вели Јаревски.
Тој додаде дека Богоев не го направи ниту паркот во општина Карпош кој беше планиран зад хотелот „Александар Палас“. Наместо парк граѓаните добија депонија, молк, сомнителни дејствија и криминал. Наместо реални и реализирани проекти, Богоев и Шилегов продаваат евтин маркетинг.