Иако војвотката и војводата од Сасекс решија да го напуштат британското кралско семејство и да го продолжат животот самостојно, во далечната Америка, цела Британија денеска слави.
Се чини дека Арчи полека е на пат да го преземе тронот на миленичката на британската нација – принцезата Шарлот, така што сите медиуми денеска пренесуваат само информации за неговиот 1 роденден.
Со недели наназад се пишува како најмладиот член на кралското семејство ќе го прослави својот 1 роденден. Иако првичната идеја била да се одржи прекрасна церемонија и прослава во Англија, поради пандемијата на коронавирусот, плановите се променети.
Затоа, симпатичното тричлено семејство ќе одржи прослава во нивниот нов дом во Лос Анџелес.
„Со оглед на социјалното дистанцирање, но и на фактот дека настаните поради кои Хари и Меган требаше да се вратат во Велика Британија беа откажани, ова семејство ќе остане во Лос Анџелес“, изјави неименуван извор за „Е! Њуз“, додавајќи дека мајката на Меган, Дорија Реџленд, веројатно ќе им се придружи денеска.
Сепак, иако прославата во Англија мораше да се одложи, а можеби дури и да се откаже, честитките до слаткиот принц Арчи пристигнуваат од сите страни.
Принцот Чарлс и неговата сопруга Камила му честитаа на својот внук, заедно со убава фотографија.
„Среќен, најсреќен роденден на Арчи, која денеска полни една година. Оваа фотографија на која се Арчи и неговиот дедо е направена за време на неговото крштевање во јули 2019 година“, се наведува покрај објавата на официјалниот профил на Инстаграм.
Набргу потоа, роденденска честитка следувала и од братот на Хари, принцот Вилијам, со семејството.
Вилијам и неговата сопруга Кејт Мидлтон на својот инстаграм-профил објавиле семеен портрет, исто така, направен на денот кога малиот Арчи бил крстен минатата година.
„Денеска, му посакуваме на Арчи среќен 1. роденден“, кратка е пораката од Вилијам и Кејт.
И кралицата Елизабета Втора, како и нејзиниот сопруг, испратија официјална честитка до нивниот правнук Арчи на социјалните мрежи.
Оваа фотографија особено ја одушеви јавноста, бидејќи е снимена само два дена по раѓањето на Арчи, поточно штом пристигнал во кралскиот двор од болницата.
„Среќен роденден на Арчи, кој денеска го слави првиот роденден“, се вели во честитката на кралицата, на која Арчи ѝ е осмиот правнук.
ФОТО: Инстаграм