„АРАЧИНОВО ВЕЌЕ НЕ Е ЦРНА ОВЦА“ Наплатата на данок е зголемена 4,2 пати, вели градоначалникот Ибраими
Веќе се мериме со многу поголеми општини и финансиски појаки од нас, а нашето домаќинско работење денес ги бележи првите позитивни резултати – велат од општината.
Општина Арачиново повеќе не е „црна овца“, наплатата на данок е зголемена за 4,2 пати годинава во споредба со минатата, се пофали градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими на денешната презентација на соработката на УСАИД со повеќе општини, меѓу кои и Арачиново.
Преставникот на УСАИД, Бардил Марку ја пофали општината во однос на соработката и резултатите, посочувајќи ја како „успешна приказна“, а градоначалникот Ибраими посочи дека фразата „арачиновци не плаќаат данок“ веќе е минато.
Од општината тврдат и дека Арачиново бележи значително голем раст и во активната транспарентност.
– На крајот од денешната презентација како што рече и самиот Градоначалник Ридван Ибраими, Арачиново не е веќе ,,црна овца” туку денес добиваме пофалби и веќе се мериме со многу поголеми општини и финансиски појаки од нас, а нашето домаќинско работење денес ги бележи првите позитивни резултати, благодарение на помошта и соработката со многубројни меѓународни организации а посебно со УСАИД која во секој момент покажува спремност да ни помогне“, велат од општината.