АПСУРДИ Лекари и сестри, здрави и прави, негативни на ковид-19, дремат во изолација по 14 дена, зашто биле во контакт со инфицирани, а болниците кубурат со кадар!
Спротивно на искуството на Македонија, земја чиј здравствен систем е пред колапс и секој ден од ковид-19 умираат меѓу 20 и 30 луѓе, во Белгија сите лекари и сестри кои се позитивни, но се асимптоматски, продолжуваат со работа, со посебни заштитни протоколи – целта е болниците да го издржат притисокот.
Лекарите во белгискиот град Лиж кон крајот на минатиот месец беа замолени да продолжат со работа дури и ако се заразени со коронавирусот, ако нивната здравствена кондиција го дозволува тоа. Околу една четвртина од медицинскиот персонал е заразен со ковид-19. Но, 10 белгиски болници ги замолија заразените лекари и сестри без симптоми да продолжат да работат.

Шефот на белгиската Асоцијација на здравствените синдикати, Филип Девос, изјави за светските медиуми дека нема друг избор, ако се сака да се спречи здравствениот систем да колабира за неколку дена. Првиот белгиски синдикалец во здравството им објасни на новинарите дека медицинскиот персонал кој е позитивен на ковид-19 ќе третира само пациенти заразени со оваа болест, заразените но асимптоматски сестри и лекари нема да смеат да ги симнуваат маските за време на смените и ќе мора да ручаат во посебни соби. „Ние знаеме дека ова е лоша одлука, но секоја друга одлука би била уште полоша“, изјави тој.
Така е во Белгија. А како е кај нас?
Кај нас се случува една чудна работа, за многу луѓе целосно неразбирлива. Со одлука на Комисијата за заразни болести, во Македонија на сите медицински лица (лекари, сестри и друг персонал), кои биле во контакт со заразени од ковид-19, а се негативни на ПЦР тестовите, им се определува 14-дневна изолација, под закана од кривичен прогон. И така, лекари и сестри, врвни професионалци, здрави и прави, седат дома, додека болниците кубурат со кадар.
Го прашавме министерот за здравство д-р Венко Филипче зошто на ваков начин самите си го намалуваме персоналот способен да остане на фронтот против ковид-19.

– Тоа е така затоа што инкубацијата на вирусот е 14 дена. Размислуваме и за друга препорака, ама многу е ризично да вратиме на работа било кој ако се уште е под ризик кај него да се јават симптоми во тој период. Засега има кадар што ротира, ја следиме ситуацијата – вели министерот Филипче.
Го прашавме за мислење и токсиколог д-р Нико Беќаровски, кој често настапува во јавноста со ставови во врска со начинот на кој здравствените власти ја организираат борбата против пандемијата.
– Кај нас на Клиниката за токсикологија во моментов има три позитивни, а сите до еден сме на работа, иако имавме секојдневен контакт со заразените. Колку што сум јас информиран, голем дел од здравствените работници се „вадат“ на фамилијарни контакти и контакти вон работното место. Тогаш епидемиолозите ги третираат како и сите други граѓани и многу полесно им издаваат решенија за самоизолација – вели д-р Беќаровски.

Неофицијално дознаваме дека на сличен начин се снаоѓаат и многу други лекари и сестри на клиниките, во време кога во ковид-центрите се води беспоштедна битка со опаката болест, а секојдневно умираат меѓу 20 и 30 луѓе, што е страшна бројка.
– Оваа политика на Комисијата за заразни болести не е во интерес на здравствениот систем, не е во интерес на посветените лекари и друг медицински персонал, а најмалку е во интерес на пациентите. Во овој момент нам ни е неопходна висока свест и мобилизација на целиот кадровски потенцијал што ни е на располагање. Во спротивно, при вакво темпо на развој на епидемијата, реално постои опасност системот да колабира уште во декември – вели добро упатен менаџер во здравствениот систем.
Останува да се види за каква нова препорака размислуваа министерот Филипче и Комисијата за заразни болести.
Здравствените работници се столб на здравствениот систем. Секој здравствен работник е особено драгоцен во ова време на пандемија. За жал, се случува и тие да се заразат, наспроти придржување кон мерките за заштита, вели д-р Драган Даниловски. Заклучно со 6 ноември, позитивни се 1.379 здравствени работници или 4,3 проценти од вкупниот број (околу 32.000).

– Меѓутоа, има и една друга категорија, здравствени работници кои во секојдневната работа биле во контакт со заразени лица, но имаат негативен ПЦР тест. И на нив им се определува 14-дневна изолација, под закана за кривичен прогон! Дефинитивно нелогично и стручно неоправдано! Зошто? Затоа што многу малку е веројатно ПЦР тестот да биде лажно негативен Во некои други земји, на пример, во Белгија и Германија и во други, дури и позитивни здравствени работници, ако немаат симптоми, одат на работа и ги лекуваат пациентите со ковид-19 – потврдува д-р Даниловски.
Во ситуација кога кубуриме со персонал, смета тој, дефинитивно мораме нешто да промениме во протоколите.
– На работа да одат не само оние кои биле во контакт со заразен и имаат негативен тест, туку и позитивните асимптоматски здравствени работници, по углед на земјите, далеку побогати од нашата – заклучува д-р Даниловски.