АПСУРД И ДИСЦИПЛИНИРАЊЕ НА СУДИИТЕ Адвокатот Давидовиќ го коментира барањето за нов притвор за Мијалков

Наместо да се поздрави примената на сите препораки на Советот на Европа и одлуките на судот во Стразбур по однос на мерката притвор, и Судскиот совет врши дополнителен притисок на судиите, коментира адвокатот Звонко Давидовиќ.

4,771

По којзнае кој пат имаме можност да се увериме во длабоката инфилтрираност на политиката и на извршната власт во правосудството. Изјавите на министерот за правда, во кои критикува и толкува судска одлука, се само уште еден доказ за влијанието на политиката врз судството и притисокот кој извршната власт го врши.“ Ова е реакција на адвокатот Звонко Давидовиќ, по одлуката на обвинителката Лиле Стефанова да побара притвор за Сашо Мијалков за предметот „Плацеви на Водно“. Во судско-обвинителски кругови се тврди дека овој паничен потег доаѓа откако денеска министрите Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски ја критикуваа одлуката на Апелацискиот суд да го пушти од притвор Мијалков со кауција од 11 милиони евра.

– Министерот за правда нема никакви ингеренции и надлежности кога се во прашање конкретни судски предмети и одлуки, па секој коментар на судска одлука на еден министер во владата не може никако поинаку да се сфати освен како своевиден притисок – вели Давидовиќ.






Изјавата на портпаролот на Судскиот совет, во која, ако е точна, најавува седница на Судскиот совет на која ќе се дискутира за судската одлука со која е прифатена понудената гаранција на Сашо Мијалков, е во најмала рака чудна и излегува од надлежностите на Судскиот совет предвидени со Законот, тврди Давидовиќ и објаснува:

– Судскиот совет, наместо да биде гарант и брана за судската самостојност и независност, прави дополнителен притисок и се обидува да ги дисциплинира судиите кои постапиле и донеле одлука во рамки на своите надлежности. Наместо да се поздрави примената на сите препораки на Советот на Европа и одлуките на судот во Стразбур по однос на мерката притвор, Судскиот совет врши дополнителен притисок на судиите.

Адвокатот апелира да не заборавиме дека сме под мониторинг за примена на мерката притвор и дека во изминатиов период бевме жестоко критикувани за определувањето, примената и должината на изречените мерки притвор како во сите извештаи на ЕУ, така и во меѓународните и домашни извештаи на експертите.

– Прифаќањето на понудената гаранција во износ од над 11 милиони евра не значи ослободување на Мијалков од каква било одговорност туку значи дека неговата обврска да се појавува на судењата е зајакната со гаранцијата, која, доколку ги прекрши условите, ќе биде реализирана во корист на државата трајно, а истиот ќе биде присилно спроведен пред лицето на правдата. Постапката на ОЈОГОКК со поднесениот предлог за определување на мерка притвор за предметот „Плацеви на Водно“ е апсурдна, во мигот кога Апелацискиот суд ја прифатил гаранцијата. Особено е апсурдна, а тоа можеше и јавноста сама да го заклучи, што во конкретниот предмет нема ниту еден доказ од кој би произлегла каква било вина за кое било кривично дело на Сашо Мијалков. Предметите во кои се појавува само еден наместен сведок, а чија изјава е не само апсурдна туку и спротивна на сите материјални докази и искази на сите други сведоци, треба да бидат далечно минато и никако не можат да бидат дел од судството на која било земја во 21 век – категоричен е адвокатот Давидовиќ.

Поврзани содржини