Апликацијата „Кико“ ќе им чита текст на слепите лица

Со ова дигитално помагало,сметат од Сојузот на здруженија на слепи лица, овие луѓе ќе бидат посамостојни во работа и со телефонот и со компјутерот.

291

Слепите лица и лицата со оштетен вид во земјава првпат добија апликација со која ќе им се овозможи пишаниот текст да го чујат во гласовна форма. Апликацијата „Кико“ ќе биде бесплатна, достапна во мобилна и декстоп-верзија, сега на македонски јазик, а за неколку месеци и на албански јазик. Покрај слепите и лицата со оштетен вид, апликацијата ќе можат да ја користат и лица со тешкотии во учењето, односно оние кои информациите најлесно ги разбираат кога се во говорна форма.

– Со говорната синтеза многу се подобрува и се олеснува секојдневниот живот на слепите лица во домот, при движењето, при учењето, за вработување, да може да си ги завршуваат сите работни обврски и без никакви проблеми да можат да остваруваат свои приходи – рече претседателот на Сојузот на здруженија на слепи лица Жарко Селковски.






Со ова дигитално помагало, додаде, ќе бидат посамостојни во работа и со телефонот и со компјутерот.

–  Оваа апликација е голем исчекор напред затоа што во моментов тие слушаа роботски глас, кој е несоодветен и нецелосно разбирлив – рече на денешната презентација на апикацијата министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на промоцијата, истакна дека оваа апликација ќе овозможи непречена комуникација, движење и целосно вклучување во општеството и достоинствен живот на оваа ранлива категорија граѓани.

– Нашата земја во 2011 година ја ратификуваше Коненцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Оваа Влада целосно ја презеде обрската како членка на ОН да работи на нејзина постојана имплементација, притоа обезбедувајќи еднакви права и можности за достоинствен и независен живот на лицата со попреченост, како и на останатите граѓани – рече  Заев.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН, Нарине Сахакјан на презентацијата истакна дека од суштинска важност за лицата со попреченост е пристапот до образование, вработување, но и пристап до информации и комуникации.

– Апликацијата „Кико“ е важен момент во повеќегодишната посветеност на УНДП во поддршка на националните чинители да ги исполнат своите заложби за спроведување на меѓународната конвеција која нагласува дека сите лица со било каков вид на попреченост мора да ги уживаат сите човекови права и слободи, но, има за цел, исто така, и да го заштити нивното достоинство, рече таа изразувајќи надеж дека оваа апликација може да биде основа за натамошно развивање слични дигитални производи кои малку ќе им го олеснат секојдневниот живот на лицата со попреченост – рече Сахакјан.

 

 

Поврзани содржини