АПЕЛАЦИЈА ЈА ОСЛОБОДИ АНГЕЛА Ѝ ја укина 19-годишната казна за убиството на Пино
Јас лично го добив известувањето и таму е наведено дека причина за укинувањето е суштествена повреда на постапката, како и погрешно утврдување на фактичките состојби, изјави за Плусинфо адвокатот Еленко Миланов, кој ја застапуваше обвинетата Ангела Ѓорѓиевска пред Кривичниот суд.
Апелација ја укина пресудата која ѝ беше изречена на Ангела Ѓорѓиевска, обвинета за помагање во убиството на Пино Секондо. Засега нема официјална потврда од второстепениот суд, но адвокатот Еленко Миланов, кој ја застапуваше обвинетата пред Кривичниот суд, за Плусинфо рече дека тој лично го примил известувањето за укинувањето на 19-годишната затворска казна.
– Точно е дека е укината пресудата која ѝ беше изречена на Ангела Ѓорѓиевска за помагање во убиството на Пино Секондо. Јас лично го добив известувањето и таму е наведено дека причина за укинувањето е суштествена повреда на постапката, како и погрешно утврдување на фактичките состојби. Засега толку знам и толку можам да кажам. Во моментов немам контакт со странките и не знам дали во иднина повторно ќе ја застапувам обвинетата, со оглед на тоа што таа има и друг бранител – рече Миланов.
Ангела Ѓорѓиевска беше осудена на 19-годишна затворска казна поради помагање во извршување на убиството на Секондо, кое според доказите, го сторил обвинетиот Али Фуркан, кој е во бегство.
Како што беше наведено во обвинителниот акт, на 11 декември 2018 година, Ѓорѓиевска го повикала Секондо и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров, а таму веќе бил пристигнат Фуркан, кој бил вооружен со пушка. Фуркан го оставил своето возило на насипот и седнал да управува со возилото на Секондо, додека на совозачкото седиште седела Ѓорѓиевска, а на задните седишта седел Пино.
Оттаму, како што е наведено во обвинителниот акт, тројцата се упатиле кон селото Арачиново, каде што во една нива Фуркан Али го застрелал Пино во главата. Осудената Ѓорѓиевска се товари за тоа што овозможила оштетениот да се сретне со убиецот иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост.
Телото на Пино беше пронајдено неколку месеци по убиството, во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, кај селото Љуботен.