Апасиев отвори дилема дали и патарините се дел од патните трошоци на пратениците
Од Собранието велат дека пресметката на патните трошоци на пратениците се врши според Законот за пратеници и одлука на Собранието.
Висината и пресметката на надоместокот за патните трошоци на пратениците која со години предизвикува интерес кај граѓаните, деновиве повторно се актуелизира откако пратеникот на Левица Димитар Апасиев на Фејсбук ја објави дилемата по кој законски основ на пратениците покрај патни трошоци им се плаќаат пари за патарини. Од Собранието велат дека пресметката за патните трошоци се врши според донесена одлука од Собранието, а експертите велат дека и патарините се дел од трошоците што ги прават пратениците и сигурно влегуваат во патните трошоци.
Пратеникот Димитар Апасиев кој најавува дека утре во Собранието ќе достави предлог закон со кој се предлага висината на надоместокот за патни трошоци за пратениците да се намали од 20 на 5 отсто, односно да изнесува колку што изнесува трошокот за билет во јавен превоз, вели дека бил изненаден кога дознал дека при пресметката на износот на патните трошоци покрај законски утврденото се пресметува и патарината.
Тој, како што вели, испратил и прашања до собранискиот спикер и генералната секретарка на Собранието, но и по три месеци не му е одговорено на прашањато.
„Барам да ми се каже законскиот основ по кој на пратениците со години им се исплатувале плус патарини, дополнително од „патните трошоци“? Јас таков основ барав во законот, ама не најдов!?“, напиша Апасиев.
Тој за Плусинфо појасни дека додека ги подготвувал новите измени на законот поврзани со надоместокот за патни трошоци на пратениците од сметководството на Собранието добил информација дека во пресметката за патните трошоци се пресметуваат и патарините што било повод и за поставените прашања.
– За тоа не најдов законски основ па затоа поставив прашање до службите и до спикерот, но нема одговор. Интересно е и тоа што на пратениците им се признаваат само повисоките трошоци односно доаѓањето на работа со сопствен автомобил плус патарината, но не им се признава доаѓањето на работа со автобуски или со друг вид јавен превоз. Таков е случајот со нашиот пратеник кој доаѓа од Штип. Собранието нему не му ги признава трошоците за билет како патен трошок – вели Апасиев.
Според него, пратениците посебно во сегашните услови не треба да бидат попривилегирани од другите вработени во земјата од кои наголемиот број не добиваат никакви пари за патни трошоци, уште помалку за патарини.
– Затоа сметам дека овој износ, односно патни трошоци колку билет во јавен превоз се доволни за пратениците и со него тие ќе бидат попривилегирани од најголемиот број работници во земјава – вели пратеникот.
Генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, пак, вели дека пресметката на патните трошоци за пратениците се прави според одлука која е донесена од Собранието.
– Не можам да кажам точно што влегува во таа пресметка, треба да ја видам Одлуката или да ја консултирам сметководствената служба, но патните трошоци се пресметуваат според донесена одлука од страна на Собранието. Дознав дека и пратеникот Димитар Апасиев поставил неколку прашања во врска со патните трошоци и ќе му ги одговориме – вели Иванова.
Надоместокот за патни трошоци на пратениците е регулиран со Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери и Законот за пратениците каде што висината на надоместоците за определени трошоци на избраните и именуваните лица во земјава, се утврдуваат според висината на трошоците.
„Надоместокот за користење автомобил во лична сопственост за службени цели, е утврден во висина до 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи“, стои и во двата закона.
Дополнително, со последните измени што се направени во 2018 година, пратениците што живеат на оддалеченост од 100 километри од Собранието може да земат и стан под кирија на трошок на државата.
Патните трошоци на пратениците се актуелни со години бидејќи износите кои ги добиваат пратениците кои редовно патуваат на работното место во Собранието се високи и малку разбирливи за граѓаните.
Според последните податоци кои се однесуваат за периодот од август лани кога е конституирано Собранието до февруари годинава, 75 пратеници зеле вкупно 122.000 евра надомест за патни трошоци.