Апасиев: Не разбирам албански и ќе ви ги враќам материјалите ако се двојазични – Џафери: Ти си еден век назад!
Во 1996 година имаше 11 години, доцна си дошол на оваа возраст. За среќа ние сме во 21 век, 2021 година и твојата постапка укажува дека си еден век назад во однос на перцепцијата и разбирањето, му одговори Џафери на Апасиев.
Пратеникот Димитар Апасиев од Левица повикувајќи се на член 3 став 4 од Деловникот, на денешната собраниска седница му укажа на претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе ги враќа материјалите ако повторно им бидат доставени двојазично, бидејќи тоа е противуставно и противделовнички.
Џафери му порача дека еден век доцни во однос на перцепцијата и разбирањето.
– Ние како Левица овие материјали од денеска ќе ви ги враќаме. Ова на албански јас не го разбирам. Барам во иднина на службите да има кажете дека јас не сум пратеник кој зборува јазик различен од македонскиот, да ми доставуваат материјали исклучиво на македонски јазик – рече Апасиев.
Тој исто така го праша Џафери зошто двата закони што тие ги поднеле не се ставаат на дневен ред поднесени во мај и април, потсетувајќи го дека тој е должен во рок од три дена нив да ги достави до пратениците, со што започнува собраниската постапка.
– Немам што да додадам во однос на процедуралното, во контекст на постапката што ја направи во Собранието и не бара дополнителни објаснувања. Во 1996 година имаше 11 години, доцна си дошол на оваа возраст. За среќа ние сме во 21 век, 2021 година и твојата постапка укажува дека си еден век назад во однос на перцепцијата и разбирањето – му одговори Џафери.