АПАСИЕВ Е ПОЛИТИЧКИ ПИРОМАН, ГО СТАВИ МИЦКОСКИ ВО ЗАЛОЖНИШТВО! Премиерот Ковачевски за пречките на Македонија на патот кон ЕУ
Уште поголема опасност е дека таа партија го зема во заложништво претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ затоа зашто тој е слаб без став, без визија – рече Ковачевски на прес конференцијата со колегата од Албанија Еди Рама.
Вистинската опасност за продолжување на европскиот пат на нашата држава доаѓа од една политичка партија, којашто во својата програма се противи на ЕУ, на членството во НАТО, на интеграциите на нашата држава во Берлинскиот процес, на Отворен Балкан, а тоа е партијата Левица и нејзиниот претседател Димитар Апасиев – изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Еди Рама, во одговор на новинарско прашање дали има доволно пратеници за уставни измени со оглед на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема мнозинство.
– Уште поголема опасност е дека таа партија го зема во заложништво претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ затоа зашто тој е слаб без став, без визија. А човек без став, без визија и без одлучност лесно може да биде земен во заложништво. И тоа и се случува во моментов на македонската опозиција. Сметам дека на таков политички пироман не смее да му се дозволи да го прекине европскиот пат на државата – оцени Ковачевски.
Според Ковачевски, во Собранието има доволно проевропски ориентирани пратеници за да се усвојат уставните измени и да се продолжи патот на евроинтеграциите.
– Уставните измени се токму за продолжување на европскиот пат на државата. Сега зависи исклучиво од нас. Сега зависи од тие 120 пратеници во Собранието. И ако ме прашате дали има доволно пратеници во Собранието, во Собранието има 120 пратеници, не 80, не 90, не 100, не 110. Во Собранието има 120 пратеници, кои сите имаат одговорност не пред мене, не пред Владата, тие имаат одговорност пред своите деца, пред децата на нивните пријатели, на нивните роднини да донесат одлука, со која што ќе им обезбедат иднина, која значи членство во ЕУ – рече Ковачевски.
Тој рече дека патот кон ЕУ нема да биде лесен ниту за Македонија, како што нема да биде лесен ниту за Албанија.
– Тоа е пат на преговори, на реформи, на менување на општеството кон подобро. Ама на крајот на тој пат, на крајот на секој тежок пат е големата награда – а тоа е полноправно членство во ЕУ. Големата награда е нашите граѓани, идните генерации да живеат во ЕУ. Големата награда е да имаме горди Македонци и сите граѓани на оваа држава со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет да бидат членови и жители на ЕУ – рече Ковачевски.